Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трговците со нафтени деривати сами ќе ги определуваат цените поради правниот вакуум, а по донесувањето на новата методологија, регулаторот секој понеделник ќе ги определува цените, наместо секој втор понеделник, како досега

Трговците со нафтени деривати од денеска сами ги определуваат малопродажните цени на нафтата и нафтените деривата што ги продаваат на своите бензински пумпи, бидејќи истече старата методологија за определување на малопродажните цени, а во тек е донесување нова. Сепак, вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, ги повика трговците да не предизвикуваат ценовен шок за граѓаните. Според него, доколку се следат движењата на светската берза на нафтата, треба да има мало намалување на цената на бензините и иста цена или мало зголемување на цената на дизел-горивата.

– Не очекувам трговците да направат каква било авантура и да предизвикаат ценовен шок. Доколку го направат тоа, при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе предвид, но од мојата комуникација со поголемите трговци не очекувам никакво користење на вакуум-периодот и очекувам да ги следат цените на светските берзи на секој дериват одделно, како и да го имаат предвид курсот на доларот, кои и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки. И со новата методологија најголемо влијание ќе имаат цените на сите деривати на светските берзи, како и курсот на доларот – објасни Бислимовски.

Привремената либерализација на пазарот и можноста трговците сами да ги определуваат цените на нафтените деривати настанаа поради правниот вакуум предизвикан со непотпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател Ѓорге Иванов и поради тоа што не можеше навреме да биде донесена новата методологија по која РКЕ треба да ги определува цените. Потребата за донесување нова методологија е поради истекувањето на важноста на анексот Д што произлегува од договорот за купопродажба на „Окта“ на 8 мај годинава, според кој беше определена и постојната методологија за определување на малопродажните цени на нафтените деривати.
– Во завршна фаза сме на донесувањето на новата методологија. Неопходно е да се донесат измените на Законот за енергетика, кои се во собраниска процедура, и веднаш по нивното носење ќе одржиме подготвителна и главна седница на која ќе ја усвоиме новата методологија. Доколку работите одат според предвидениот план, се очекува цените по новата методологија да бидат определени в понеделник – додаде Бислимовски.

По донесувањето на новата методологија, регулаторот секој понеделник ќе ги определува цените на нафтените деривати, наместо секој втор понеделник како досега. Според нивните најави, цените на нафтените деривати со носењето на новата методологија ќе останат на слично ниво како и досега.
– РКЕ ги штитела, ги штити и во иднина ќе продолжи да ги штити правата на потрошувачите. Со новата методологија ќе им определи маржа на трговците, која ќе им овозможи да работат со разумен профит, но таа ќе биде многу помала од маржата од 11,5 отсто што беше определена за универзалниот снабдувач со електрична енергија – рече Бислимовски.

Во согласност со досегашната методологија, составни елементи во структурата на малопродажните цени на нафтените деривати беа рафинериската цена на нафтените деривати, која се пресметуваше во согласност со методологијата пропишана со анексот Д од договорот за купопродажба на акции и за концесија на рафинеријата АД „Окта“ – Скопје. Потоа трошокот на промет на нафтените деривати, односно трговска маржа, која можеше да варира, бидејќи регулаторот одредуваше четири нивоа на малопродажни цени што меѓусебно се разликуваат за 0,5 денари по литар. Во структурата на цената се пресметуваше и трошокот за превоз 0,50 денари за литар, потоа акцизата за нафтените деривати, данокот на додадена вредност (ДДВ), надоместокот за финансирање активности од областа на животната средина и надоместокот за задолжителни резерви.

Највисоките цени на нафтените деривати во земјава се регистрирани во 2012 година, како резултат на континуираниот пораст на цената на суровата нафта од типот „брент“. Во август еуросупер БС-95 се продавал по 88,50 денари за литар, додека еуродизел БС (Д- Е V) по 74,50. Уште еден значаен пораст на малопродажните цени на нафтените деривати се случил на крајот на февруари 2013 година, кога еуросупер БС-95 се продавал по 85 денари за литар, додека еуродизел БС (Д- Е V) 72,50.