Денес ќе се одржи аукцијата на којашто согласно со одлуката што Народната банка ја донесе во понеделникот, понудата на благајнички записи е за 8 милијарди денари помала во споредба со аукцијата спроведена во март.

– Ослободените средства во износ од околу 130 милиони евра се очекува да овозможат натамошна поддршка за македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем – велат од НБРМ преку соопштение до јавноста.

Преземањето на ваквиот чекор од страна на Народната банка следува по намалувањето на основната каматна стапка, регулаторните измени со коишто се обезбедува поголема флексибилност и им се остава поголем простор на банките да се фокусираат на процесот на кредитирање, како и на измените кај задолжителната резерва со коишто се ослободува дополнителна ликвидност и му се дава поддршка на кредитирањето на најпогодените сектори во економијата.

Обезбедувањето дополнителна ликвидност е особено важно, оценува НБРМ, имајќи ја предвид специфичноста на шокот од пандемијата на ковид-19 и мерките коишто се преземаат за справување со него.