Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Македонија пат, Беким Мемеди и пратеници од тиквешкиот регион, денеска направија увид на реконструкција на патниот правец Кавадарци – Дреново.

„Од Северна Македонија, која беше инфраструктурно заостаната земја, нашата амбиција останува и понатаму да ги реализираме нашите програмски одредници ‘Сообраќајна мрежа без црни точки’ и патно поврзување меѓу најголемите центри за кое нема да бидат потребни повеќе од 90 минути низ безбедни патни правци. На развојот на патната инфраструктура се работи низ целата држава, за што планираме во наредните години да инвестираме значителна сума на средства, кои се проценети на преку милијарда евра, a само годинава за изградба и рехабилитација на патишта се предвидени околу 200 милиони евра“, посочи премиерот во своето обраќање.
Тој додаде дека реконструкцијата на патниот крак Кавадарци-Дреново се реализира на барање на граѓаните од овој регион, кои, како што кажа, ќе добијат современа делница и безбедно приклучување кон експресниот пат во изградба од Градско кон Прилеп.
Министерот Бочварски истакна дека по завршување на оваа патна делница од Дреново до Кавадарци, се продолжува со рехабилитација на регионалниот пат Неготино-Глишич. Исто така во оваа градежна сезона ќе се реконструираат 5 улици во Кавадарци и 3 улици во Неготино.
„Во однос на експресниот пат од Градско до Дреново во фаза на преземање е договорот за работа и многу брзо Штрабаг започнува со работа на трасата. За делницата од Дреново до Фариш избран е изведувач и веќе од 9 јуни компанијата започнува со работа. Исто така избран е изведувач и за рехабилитација на Плетвар и со избор на надзорот и таму започнуваме со работа. Така да имаме силна градежна сезона во овој регион“, истакна министерот за транспорт и врски.

Директорот на „Македонија пат“, Беким Мемеди, рече дека патниот правец Кавадарци-Дреново е исклучително важен за тиквешкиот регион, во вредност од 90 милиони денари и се реализира во две фази, прва фаза опфаќа гребење и реконструкција во должина од 5,1 километри и втора фаза во должина од 3,9 километри и ширина од 7 метри и нагласи дека во моментот се работи на преку десетина патни правци низ државата.