Банката за храна МК издаде соопштение со кое ја информира јавноста за дел од своите тековни активности а кои опфаќаат 20 македонски општини. Во продолжение ви пренесуваме дел од соопштението.
– Додека светот се уште е исправен пред проблемот со пандемијата на коронавирусот, кога секој ден сме сведоци на голем број заболени и голем број починати, истовремено сме сведоци и на огромен број граѓани кои ги губат своите работни места, а со тоа и така скромната егизстенција станува уште поскромна.
Благодарејќи на поддршката на Европската Унија, која повеќе од три години ја дава на Банката за храна МК преку проектот ВСС Ефект, дојдовме до последните денови и привршување на овој огромен проект и поддршка која ќе ја одбележиме со огромна Национална акција со наслов #СтоимеЗаедно – #WeStandTogether – #Qëndrojmësëbashku.
Целта на ВСС Ефект проектот е зајакнување на капацитетите и подобрување на надлежностите за вистинско ублажување со храна на сиромаштијата. Целта на овој проект поддржан од Европска унија е да поттикне подобрување на правната и институционалната рамка во државата, која ќе овозможи соодветна превенција на фрлањето храна. ВСС е дизајниран со намера да создаде адекватна средина, која ќе стимулира отворена дебата помеѓу граѓанските организации и различните заинтересирани и засегнати страни и ќе инспирира заедничка акција за превенција и намалување на фрлањето на храна и на гладот.
ВСС ефект е заеднички проект чијашто цел е да ги инспирира, зајакне и поддржи локалните граѓански организации и граѓаните. Неговата мисија е да создаде подобар пристап до здрава и безбедна храна за сите.
Поддршката се состои од обезбедна помош во храна, заштитни маски и дезифектанти за 1620 семејства во 20 општини во нашата држава. Помошта ја поддржа и одобри Европската унија, а се обезбеди од откажување на битни национални, локални и регионални средби кои беа планирани во рамки на гореспоменатиот ВСС Ефект проект, а не бевме во можност да ги реализираме поради ковид-19.
Не помала е поддршката од Цивика мобилитас преку поддршка на Годишниот план за работа на нашата организација, и секако дека значајна поддршка дојде и од ЦБФ Македонија.
Во периодот од 14 мај до крајот на месецот, ќе се реализира една од најголемите акции што една граѓанска организација воопшто спровела на овие простори – подготовка и дистрибуција на 1620 прехранбени пакети, 6480 заштитни маски и 1620 дезифектанти до 1620 семејства во 20 општини во нашата држава.
Целата организација и реализација на оваа огромна акција нема да може да ја реализираме ако немаме наши партнери во тие 20 општини, тоа се 20-тина граѓански организации кои подолго се наши вистински соработници и борци против гладот и загубите во храна во рамки на ВСС Ефект Коалицијата.
И сосема на крај, еден апел до сите заинтересирани – 14 мај е денот кога се потребни волонтери кои треба да спакуваат над 35.000 кг прехранбени производи во 1620 пакети за 1620 семејства – се вели во соопштението на Банката за храна МК.