Уште еден „црн понеделник“ на Волстрит

На Волстрит во понеделникот индексот на „Стандард енд Пурс 500“ потона за 12 отсто, што е негов најголем дневен пад од „црниот понеделник“ во 1987 година, бидејќи инвеститорите стравуваат од големи економски штети и покрај низата мерки на американските власти за да го запрат ширењето на коронавирусот.
„Дау Џонс“ потона 2.997 бода, или 12,93 отсто, на 20.188 бода, додека „Стандард енд Пурс 500“ потона 11,98 отсто, на 2.386 бода, а индексот „Насдак“ падна 12,32 отсто, на 6.904 бода.
Падот на индексот „Стандард енд Пурс 500“ од 12 отсто, при што се избришани околу 2.690 милијарди долари пазарна вредност на акциите, претставува трет по големина дневен пад во историјата, веднаш по крахот на „црниот понеделник“ во 1987 година и падот на берзата во октомври 1929 година.

ЕИБ со 40 милијарди евра ќе ги ублажува последиците од коронавирусот

Европската инвестициска банка (ЕИБ) забрзано мобилизира 40 милијарди евра за борба против кризата предизвикана од коронавирусот и ги повика земјите-членки на ЕУ да формираат дополнителни гаранции за малите и средните, како и средно капитализираните компании за финансиска поддршка од ЕИБ груп и националните развојни банки.
Забрзаното ширење на вирусот ги притиска јавното здравство и економијата, па ЕИБ груп предложи мерки што би требало да се преземат во соработка со Европската комисија и националните партнери како поддршка на европските компании, здравствениот сектор за подигање на вонредна инфраструктура и развој на вакцини и лекови, како и генерално за помош на економијата, се вели во соопштението на ЕИБ.
Претседателот на ЕИБ, Вернер Хоер, истакнува дека пандемијата на коронавирусот има поразувачко економско влијание, што веќе се покажува.