Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во Стопанската комора на Македонија, пред претставници на компании, членки на комората, ги презентираше измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, усвоени неодамна, како и мерките од предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој само пред неколку дена е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Како што информираат од владината прес-служба, Анѓушев нагласил дека економијата во земјата се развива во добра насока, а како доказ за тоа го навел растот на бруто-домашниот производ од 4,1% во првиот квартал и од 3,1% во вториот квартал на 2019 година.

– Знаете дека оваа година го изменивме и модифициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите врз база на барањата од стопанството, односно од коморите и компаниите. Законот е за поддршка на индустријата. Согласно податоците со кои располагаме, околу 4.000 компани ги исполнуваат условите да аплицираат за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Ве поттикнувам да аплицирате, искористете ги мерките, државата сака да ви помогне во делот на тоа што веќе сте го направиле како инвестиција, да ви врати дел од средствата. Без разлика колкави се вашите инвестиции, ќе добиете назад дел од средствата така како што кажува законот – потенцира вицепремиерот.

Анѓушев во своето излагање се осврна и на мерките планирани со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кои, како што рече, исто така се произлезени како барање и потреба на стопанството.