Неколку дена по последните врнежи од снег, останаа неисчистени многу тротоари, пешачки патеки, автобуски постојки и други пешачки површини. Многумина од надлежните не се потрудија да ги исчистат и да им овозможат на пешаците безбедно да се движат по пешачките зони. Она што остана неисчистено од последниот снег и подмрзна од ниските температури, сега претставува вистинска опасност за граѓаните. Најавите за нови врнежи од снег само предизвикуваат ризикот уште повеќе да се зголеми и онака веќе загрижувачката бројка на лица што добиле скршеници и други повреди како резултат на паѓање поради лизгање на мразот.
Деновиве многумина токму поради паѓање на лизгав терен добиле скршеници на екстремитети и завршиле со гипс на рака или нога. Сликата на неисчистени пешачки зони е иста во повеќето скопски населби и граѓаните мораат да се движат со огромна претпазливост. Иако општините имаат обврска да ги исчистат тротоарите од општинските улици, а градот од градските, се испостави дека многумина од одговорните не си ја завршија обврската. И покрај тоа, поставивме прашање во градот кој има обврска да ги исчисти пешачките зони и дали можеби останаа неисчистени затоа што нема доволно работници.
– За чистење на тротоарите на булеварите и магистралните сообраќајници е одговорен градот Скопје. Во овој сегмент работите ги извршуваат екипите на ЈП „Комунална хигиена“, со луѓе и механизација каде што употребуваат мултикултиватори, трактори со специјални четки и ножеви за снег, трактори со плуг и патарки за расфрлање сол. За чистењето на патеките во парковите се задолжени екипите од ЈП „Паркови и зеленило“. За чистење на тротоарите на споредните улици се задолжени општините – ни одговорија од градот.
Вчера од општината Карпош информираа дека веќе трет ден го чистат снегот од пофреквентните места и од прометните улици што се под надлежност на локалната самоуправа. Откако на социјалните мрежи граѓаните критикуваа и коментираа дека никој не го исчистил пристапот до детската болница во Козле, вчера од општината информираа дека комуналните служби, како и хигиеничарите од болницата биле ангажирани и главно работеле на расчистување на попрометните пешачки зони, пред Детската болница во Козле како и низ Нерези, Тафталиџе, Владо Тасевски, кај Млечен ресторан и другите населби.
– Утринава беа фрлени четири тона сол, додека во текот на вчерашниот ден беа фрлени 42 тона сол низ Карпош. Локалната самоуправа ги следи состојбите на терен и навремено реагира, за да се овозможи безбедно движење за граѓаните и сите учесници во сообраќајот – рекоа од Карпош.
Центарци, пак, исто така се пожалија дека пешачките маршрути се неисчистени, па дури и дека таму каде што се чистело, снегот бил оставен на пешачки премин, каде што треба пешаците да стојат. Неисчистено е во скопските населби Скопје Север, Чаир, Бутел, Кисела Вода и многу други.