Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Министерот за здравство, Сашо Клековски, најави дека ќе иницира разговори со фармацевтските компании за можноста адреналинот за самоинјектирање да стане достапен на македонскиот пазар.

Клековски, одговарајќи на пратеничко прашање од Валбона Адили Емини од коалицијата ВРЕДИ, денеска во Собранието посочи дека во моментов во Македонија нема регистриран производ со адреналин за самоинјектирање, додека во соседна Грција се регистрирани два до три такви производи.

Тој нагласи дека адреналинот е еден од најважните лекови во итната медицинска помош и дека не се користи само при анафилакса, туку и при други животозагрозувачки состојби.

– Како министер за здравство можам да иницирам разговори со фармацевтските компании за да утврдиме дали постои интерес за регистрација на ваков производ во Македонија, бидејќи постои законска регулатива за регистрација на лекови преку МАЛМЕД, и на тој начин да го поттикнеме тој интерес – рече Клековски.

Во однос на евентуалното ставање на ваков производ на позитивната листа, Клековски објасни дека за тоа е потребно да се поднесе барање од производителот или од овластен претставник што ќе ја гарантира достапноста на лекот на пазарот.

– Друго прашање е употребата. Во некои земји е предвидена употреба во градинки и училишта, бидејќи станува збор за заштита на децата, а родителите не го поминуваат целото време со нив. Меѓутоа, начинот на употреба мора да помине низ процес на регулирање со протоколи и обука на сите вклучени страни за примена на адреналинот за самоинјектирање – рече Клековски.

Тој, исто така, посочи дека адреналинот за самоинјектирање е однапред дозиран, со што се намалува ризикот од грешки при дозирањето, за разлика од адреналинот во ампули, чија примена и дозирање мора да ги врши медицинско лице, пренесува МИА.