Владата очекува во најкус можен рок да го обезбеди потребното мислење за предлог-измените на Законот за заштита на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените, по што документот ќе биде доставен до Собранието, изјави денеска владината портпаролка Марија Митева.
Одговарајќи на новинарско прашање кога Владата ќе го достави мислењето, за да може претседателот на Собранието да закаже седница на која ќе се разгледуваат законските измени, Митева посочи дека предлогот сè уште е во владина процедура и дека треба да бидат завршени неколку институционални постапки.
– Точно, законот е во владина процедура. Знаете дека во тие владини процедури потребни се неколку инстанции да поминат, односно да се обезбеди мислењето. Очекувам дека Владата најбргу што може ќе го обезбеди тоа мислење и ќе го достави до Собранието – рече Митева.
Таа нагласи дека предложените измени се резултат на заложбата на Владата за унапредување на заштитата на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените. Во нивната подготовка, како што посочи, биле вклучени институции, граѓански организации, експерти, обвинители, судии, правници и лица кои непосредно работат со жртвите.
Според Митева, иницијативата за законските измени произлегла од самите институции во рамките на Владата, при што бил воспоставен дијалог со сите релевантни општествени чинители.
– Сметам дека клучното прашање што треба да се постави е како дојдовме до законски измени на Законот за заштита на жртвите од семејно насилство и насилство врз жените. Тоа е токму поради заложбата на оваа Влада да направиме чекор напред и да ги подобриме состојбите кога станува збор за заштитата на жртвите. Сигурна сум дека заложбата на Владата е јасна во однос на немањето никаква толеранција за насилството врз жените – изјави таа.
На прашањето зошто законот подолго време се задржува во владината процедура, Митева рече дека не сака да шпекулира со рокови без претходно да ги провери информациите.
– Ќе ми дозволите точно да проверам. Не би импровизирала сега бидејќи станува збор за состојби што се движат од институција во институција. Немам никаков проблем да ѝ ги соопштам на јавноста информациите за тоа кога е испратено, кои се причините и зошто. Се надевам дека потребни се повеќе мислења што треба да се инкорпорираат во едно за тоа да биде доставено до Собранието – рече Митева.
Во владина процедура и измените на Законот за нефер трговски практики
Митева одговори и на прашање поврзано со предлог-измените на Законот за нефер трговски практики, како и со потребата од зголемување на казните за трговците што ги прекршуваат правилата.
Таа објасни дека секој законски предлог мора да помине низ повеќе фази во рамките на владината процедура. Предлозите најпрво ги подготвуваат надлежните институции, по што следуваат колегиуми, комисии, разгледување и усогласување на владина седница, како и прибирање мислења од институциите.
– Има неколку инстанции во рамките на оваа процедура. Институциите имаат колегиуми, комисии, потоа следува разгледување на седница на Владата, формирање мислење и барање мислења од институциите. Кога сите овие работи ќе се инкорпорираат, Владата ги става точките што се усогласени на седница за да можеме да дадеме поддршка или да не дадеме – појасни Митева.
Таа изрази уверување дека Владата ќе постапи веднаш штом ќе бидат исполнети потребните услови и усогласени ставовите на надлежните институции. Притоа нагласи дека постои сериозна заложба за справување со нечесните трговски практики и за заштита на граѓаните.
































