Синдикалната кошничка не претставува минимална, туку посакувана кошничка, додека владината потрошувачка кошничка не вклучува трошоци за кирија, бидејќи над 90 проценти од граѓаните живеат во сопствени домови. Ова го изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, објаснувајќи ги разликите меѓу двете пресметки на трошоците за живот.
Одговарајќи на новинарско прашање, Дурмиши посочи дека и самите автори на синдикалната кошничка нагласиле дека таа не е минимална, туку посакувана кошничка, која покажува колку средства би требало да троши едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите потреби.
Од друга страна, Министерството за економија и труд при изработката на владината потрошувачка кошничка ги користело релевантните податоци од надлежните институции, со цел да ги прикаже просечните трошоци на едно четиричлено домаќинство.
Како една од причините за разликите, министерот го посочи различниот опфат на производи и услуги во двете пресметки. Според него, синдикалната кошничка вклучува тутун, алкохол и одредени прехранбени производи чија продажба и потрошувачка варираат во текот на годината.
Дурмиши нагласи дека владината кошничка опфаќа повеќе од 100 производи, посочувајќи дека во претходниот месец нејзината вредност се зголемила за 900 денари, додека синдикалната кошничка забележала раст од 400 денари.
Дополнителна разлика е начинот на пресметување на трошоците за домување. Владината кошничка не предвидува трошок за изнајмување стан, бидејќи, како што рече Дурмиши, според статистичките податоци над 90 проценти од граѓаните имаат сопствен дом. Синдикалната кошничка, пак, вклучува и трошок за кирија.
Осврнувајќи се на најавите за можно зголемување на цената на електричната енергија и потенцијалното влијание врз сметките на домаќинствата и компаниите, како и врз инфлацијата, Дурмиши рече дека досега донесените мерки на Министерството сè уште се во сила.
Меѓу нив ги посочи намалувањето на ДДВ-то за нафтените деривати и намалувањето на акцизата. Тој додаде дека состојбата се следи, но нагласи дека цената на електричната енергија е во надлежност на Министерството за енергетика.
Доколку во наредниот период дојде до поскапување, Министерството за економија и труд ќе постапи во рамките на своите надлежности, додека евентуалните мерки поврзани со цената на електричната енергија треба да бидат предложени од Министерството за енергетика и да поминат низ соодветните владини процедури.
































