Филип Фидановски и Александар Рашковиќ со изложба на порцелански кукли и сервис

  • Ова е нов почеток во создавањето домашни порцелански производи, повеќе од две децении откако во 2003 година згасна фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ – „Порцеланка“ во Велес

Изложба на порцеланските кукли „Одрази“ и на порцеланскиот сервис за чај „Орбис“ ќе се отвори утревечер, во 19 часот, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Автори се керамичарот Филип Фидановски (порцелан) и модниот дизајнер и костимограф Александар Рашковиќ (костим). На изложбата ќе бидат претставени 16 порцелански кукли. Изложбата ќе ја отвори Лорета Георгиевска-Јаковлева.
– „Одрази“ е уметнички проект што ги поврзува керамиката и текстилот и воспоставува дијалог меѓу индустриското наследство и современото уметничко творештво. Проектот потекнува од истражувањето на Филип Фидановски за велешката фабрика за порцелан „Борис Кидрич“, позната и како „Југопорцелан“ и „Порцеланка“. Таму се произведувале порцелански глави, раце и нозе за кукли, кои се извезувале во странство, а нивните тела и конечниот изглед се оформувале во други земји – се наведува во најавата.

Фидановски пронашол искршени делови од тие модели, од нив се изработени нови калапи и порцеланските делови повторно се создадени. Телата и костимите ги изработил Александар Рашковиќ, со современ дизајнерски пристап. Така куклите, кои со децении се гледале како увозни декоративни предмети добиваат свој македонски идентитет. Изложбата е придружена со каталог со текстови од авторот на проектот Филип Фидановски и од Лорета Георгиевска-Јаковлева.
Истата вечер ќе биде претставен и порцеланскиот сервис за чај „Орбис“, авторски проект на дизајнерот Филип Фидановски. Промотор ќе биде Емилија Фиданевски од Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На промоцијата ќе биде претставен и каталогот на проектот, а сервисот ќе биде изложен пред публиката.
– „Орбис“ е уникатен авторски проект што ги обединува уметноста, индустрискиот дизајн, архитектурата и технологијата на порцеланот. Тој има посебно значење за македонската применета уметност. Ова е нов почеток во создавањето домашни порцелански производи, повеќе од две децении откако во 2003 година згасна фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ – „Порцеланка“ во Велес – вели авторот.
Инспирацијата за дизајнот произлегува од споменикот „Илинден“, познат како „Македониум“, во Крушево.

Тоа е едно од најпрепознатливите остварувања на македонската модерна архитектура, дело на авторите Јордан Грабулоски и Искра Грабул. Неговите сферични волумени и карактеристични геометриски форми се преточени во современи употребни предмети. Така архитектонската монументалност добива нова димензија во интимниот ритуал на пиењето чај. Името „Орбис“ доаѓа од латинскиот збор orbis, што значи круг, свет, целина. Тоа ја симболизира врската меѓу минатото и сегашноста, меѓу архитектонското и културното наследство и современиот дизајн. Сервисот е наменет за шест лица и има четири основни елементи: чајник, шолја, чиниче и шеќерница. Обликувањето се темели на рамнотежа меѓу естетиката, функционалноста и ергономијата. Белата сјајна глазура ја нагласува чистотата на формите, а прецизната изработка ја покажува сложеноста на порцеланот како материјал.
– „Орбис“ не е само порцелански сервис за чај. Тој е симбол на нов почеток на македонскиот порцелан, продолжување на традицијата таму каде што таа беше прекината во 2003 година – вели авторот Филип Фидановски.
Моделите и калапите за производство ги изработија Срѓан и Тања Ристиќ од Заечар, Србија. Техничките цртежи и металните шаблони се изработени во дизајн-студиото на „Завар компани“ – Скопје, од архитектката Виолета Цветановска. В.Д.