ДВЕ ИЗЛОЖБИ ВО МАНУ

Мултимедијалната уметница Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски ќе се претстават со самостојните изложби „Тишина на сеќавањето“ и „Минимални контрасти“, кои ќе бидат отворени денеска во 19 часот во Македонската академија на науките и уметностите. Во рамките на настанот ќе бидат промовирани и монографии посветени на нивното творештво. Изложбите ќе ги отворат академиците Влада Урошевиќ и Иван Џепаровски, заедно со историчарот на уметност и автор на текстовите во монографиите Златко Теодосиевски.
Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како социополитичка појава, миграцијата, еколошките прашања и положбата на жената во современиот свет. Преку своето творештво, таа ги преиспитува структурите на родова нееднаквост, механизмите на општествена моќ и маргинализација, отворајќи прашања за човековите права, идентитетот и ранливоста на поединецот во современите општествени и политички контексти. Изложбата обединува дела создадени во период од дваесет и осум години, дела изложувани во Абу Даби, Катар, Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Кина, Австрија, Шпанија и други земји, воспоставувајќи концептуален континуитет меѓу различните фази и уметнички пристапи во нејзиното творештво. Преку визуелни стратегии што ги поврзуваат естетското, политичкото и еколошкото, Апостолоска Саздовска ги артикулира последиците од човечката деструктивност, институционализираното насилство и асиметричните системи на моќ. Преку уметноста како сведоштво и критички чин, Апостолоска Саздовска го активира гледачот да ја согледа сопствената позиција во современиот свет, преиспитувајќи ги границите на одговорноста, етиката и опстанокот.
Уметничката практика на Сашо Саздовски е научноистражувачка. Неговото истражување се насочува кон обидот да ги спои математиката, физиката и астрономијата преку ликовниот јазик. На тој начин, формата станува средство преку кое ги визуализира процесите на промена, движење и трансформација. Во текот на 28-годишната кариера тој развива неколку значајни циклуси, Фасциниран од бесконечноста како математички проблем, Саздовски започнува да ја истражува можноста за нејзино визуелно и скулпторско толкување. Во продолжение следуваат циклусите „Енергија“, „Фамилија“, „Разлики“ и „Споеви“, додека последната серија, „Минимални контрасти“, го заокружува неговото скулпторско истражување насочено кон спојувањето на природните материјали, како мермерот и гранитот, со вештачки создадените материјали. На изложбата ќе бидат презентирани скулптури од Оман, Саудиска Арабија, Франција, Луксембург, Австрија и други земји, со што ќе се овозможи уникатен увид во досегашното творештвото на Саздовски. В.Д.