Русија сè уште не гледа додадена вредност од учеството на европските претставници во следната рунда преговори насочени кон завршување на војната во Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков рече дека следната средба меѓу Русија, Украина и САД ќе се одржи во Абу Даби, но датумот сè уште не е утврден.
– Постојат различни гледишта. Како што знаете, Европејците инсистираат преговорите да се одржат во четиристран формат. Ние сè уште не разбираме целосно каква додадена вредност би произлегла од учеството на Европејците и каков дополнителен придонес би можеле да дадат во мировните напори – изјави Песков.
Руските власти минатата недела порачаа дека европските претставници најпрво треба да ги достават своите предлози до Москва.
Досега европските држави беа вклучени во разговорите за ставање крај на руската инвазија само индиректно, преку нивните контакти со Украина и САД.
Европските држави се договорија Германија, Франција, Италија, Полска и Велика Британија, која не е членка на ЕУ, како и претставници на ЕУ од Брисел, да ја претставуваат Европа во преговорите, потсетува германската новинска агенција ДПА.
































