Фото: Принтскрин/ Илустрација

Висок функционер на Хамас, задолжен за внатрешната безбедност во Појасот Газа, и уште најмалку шест лица, меѓу кои и двајца полицајци, загинаа во израелски воздушни напади врз палестинската енклава, соопштија претставници на палестинските безбедносни служби, здравствените работници и полицијата, објави „Тајмс оф Израел“.

– Убиениот е Наим Абу Нахал, директор на Службата за внатрешна безбедност во Газа – изјави палестински претставник.

Службата со која раководел Абу Нахал имала главна задача да елиминира Палестинци осомничени за соработка со израелското разузнавање.

Непосредно пред тоа, израелската армија и службата за внатрешно разузнавање „Шин Бет“ соопштија дека „елиминирале висок функционер на Хамас“, без да го наведат неговиот идентитет. Израелските одбранбени сили посочија дека цел на нападите биле припадници на Хамас.

Претходно денеска, здравствени работници соопштија дека три лица загинале, а петмина биле повредени во израелски воздушен напад врз полициска станица во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа. Министерството за внатрешни работи, кое е под контрола на Хамас, прецизираше дека меѓу загинатите имало двајца полицајци.

Во друг израелски воздушен напад, во близина на коридорот Нецарим, во северниот дел на Газа, загинале уште три лица, со што вкупниот број загинати во денешните израелски напади достигнал најмалку седум.