Фото: Пиксабеј

Автор: д-р Дорис Шејдоска, дерматовенеролог

Себороичниот дерматитис (Dermatitis seborrhoica) е честа, хронична, рецидивирачка воспалителна дерматоза, која предоминантно ги зафаќа анатомските региони богати со лојни жлезди. Се карактеризира со појава на еритематозни, слабо ограничени макули и плаки, покриени со белузлави до жолтеникави, често масни сквами.

Заболувањето има бифазна инциденца, со појава во доенечкиот период, а потоа повторно во адолесценцијата и зрелата возраст. Кај возрасните е почесто кај машкиот пол. Се смета дека заболувањето настанува како резултат на комплексна интеракција меѓу липофилните квасници од родот Malassezia, составот на себумот, нарушената епидермална бариера и индивидуалниот имунолошки одговор на домаќинот. Психоемоционалниот стрес, недоволниот сон и студеното време се значајни фактори што можат да предизвикаат егзацербации.

Себороичниот дерматитис кај возрасните клинички се карактеризира со слабо ограничени еритематозни макули и плаки со белузлави, брашнести или жолтеникави, масни сквами. Пруритусот најчесто е отсутен или благ, иако кај поизразените воспалителни форми може да биде интензивен.

На скалпот се манифестира со дифузна десквамација, која може да биде без видлив еритем (pityriasis capitis) или придружена со изразен еритем и воспаление. Кај поизразените форми, промените може да се прошират кон фронталната линија на косата, со формирање corona seborrhoica.

Во пределот на лицето типични се симетричните промени во назолабијалните бразди, веѓите и глабелата. На трупот може да се забележат петалоидни или ануларни десквамативни лезии, особено на предната страна на градниот кош. Можна е и зафатеност на очните капаци, со клиничка слика на себороичен блефаритис.

Доенечкиот себороичен дерматитис се јавува најчесто во првите три месеци од животот. Карактеристична е појавата на дифузни, жолтеникави, масни сквами на скалпот (cradle cap). Може да се прошири и на кожните набори, аксиларните и ингвиналните регии. Пруритусот обично е отсутен или минимален, а состојбата најчесто спонтано поминува во текот на првата година од животот.

Дијагнозата е предоминантно клиничка. Диференцијално-дијагностички треба да се земат предвид: псоријаза и себопсоријаза, атописки дерматитис, алергиски и иритативен контактен дерматитис, розацеа, габична инфекција на скалпот или телото и периорален дерматитис.

Терапијата е насочена кон намалување на колонизацијата со Malassezia, супресија на воспалителниот одговор, отстранување на сквамите и одржување на интегритетот на епидермалната бариера.

1. Локална терапија

Локалните антимикотици претставуваат основа на третманот.

Кетоконазол (ketoconazole) 2 % во форма на крем се применува кај зафатеност на лицето и трупот, обично еднаш до двапати дневно, во период од две до четири недели. Кај себороичен дерматитис на скалпот се користат шампони со кетоконазол или циклопирокс (ciclopirox), најчесто двапати неделно во почетната фаза, со можност за интермитентна употреба во фазата на одржување.

Други активни компоненти во шампоните се селен сулфид (selenium sulfide), цинк пиритион (zinc pyrithione) и катран (coal tar), кои придонесуваат за намалување на десквамацијата и контролирање на клиничките манифестации.

Кај акутните егзацербации со изразен еритем и пруритус се применуваат локални кортикостероиди со ниска до умерена потентност, во краток временски период.

Такролимус (tacrolimus) и пимекролимус (pimecrolimus) претставуваат терапевтска алтернатива што овозможува избегнување на употребата на стероиди, особено кај хроничните и рецидивирачките форми на лицето и интертригинозните регии.

Кај изразена десквамација се применуваат препарати со салицилна киселина, млечна киселина, уреа и пропилен гликол. Нивната улога е омекнување и отстранување на насобраните сквами, особено кај промените на скалпот.

2. Инхибитори на фосфодиестераза-4 (PDE-4)

Рофлумиласт (roflumilast) е селективен инхибитор на PDE-4. Формулацијата во концентрација од 0,3 %, во форма на пена, е одобрена од американската Администрација за храна и лекови (FDA) во декември 2023 година за третман на себороичен дерматитис кај пациенти на возраст од девет години и постари.

3. Системска терапија

Системските антимикотици, особено итраконазолот, како и нискодозираниот изотретиноин, се користат кај селектирани пациенти со изразени или резистентни клинички манифестации.

4. Дермокозметичка нега

Дермокозметичката нега претставува комплементарен дел од третманот, со цел подобрување на хидратацијата, намалување на иритацијата и поддршка на епидермалната бариера.

Во формулациите наменети за кожата склона кон себороичен дерматитис може да се сретнат следниве компоненти:

– пироктон оламин (piroctone olamine) – антимикотична компонента со активност против Malassezia spp.;
– TLR2-Regul – патентиран комплекс со имуномодулаторно дејство, кој ја модулира TLR2-посредуваната воспалителна реакција на кожата кон микроорганизмите, особено кон Malassezia spp.;
– шеа-путер (shea butter) – емолиентна компонента со омекнувачко и бариерно дејство.