Фото: „Нова Македонија“

ЕХФ ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ

  • ЕХФ разговараше со претседателот на Судискиот експертски комитет, Ојвинд Тогстад, за клучните области во фокусот за ЕП 2026, кое почнува на 3 декември, а Македонија ќе го има своето трето учество во низа, односно вкупно осмо на континенталните шампионати

На 3 декември почнува Европското првенство (ЕП) за ракометарки, кое ќе се одржи во пет земји, а Македонија ќе го има третото учество во низа, вкупно осмо на континенталните шампионати. Групата судии и службени лица номинирани за завршниот турнир имаа подготвителна работилница во септември и ќе имаат уште еден дводневен курс пред ЕП 2026, а издаден е и важен документ, Упатства за ЕП 2026, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Анализирани се и идентификувани се фокусните точки и беа илустрирани и клучните точки со видеосодржини, кои им беа доставени на сите федерации учеснички, главно на нивните селектори, пишува ЕХФ, кој разговараше со претседателот на Судискиот експертски комитет, Ојвинд Тогстад, за клучните области што се во фокус и развојот на упатствата.
– Сакаме мечевите да продолжат да се одвиваат и затоа судиите не треба да го запираат текот кога не е потребно, избегнувајќи непотребни прекини, особено кога напаѓачката екипа има природна предност. Ракометот стана толку брз спорт, а управувањето со мечот од судијата е клучен дел од овој нов стил на игра. Судиите се дел од играта како што се и играчите. Многу е важно судиите да го разберат и да го читаат натпреварот, треба да знаат што се случува, што ќе се случи следно и да го прекинат мечот само за „големи работи“. Треба да дозволат динамични физички натпревари, но да интервенираат кога безбедноста или тактичкиот интегритет на играчите се компромитирани. Секогаш треба да ја одржуваат вистинската рамнотежа за тоа дали е потребна акција. Вкупните повратни информации од селекторите навистина се позитивни, бидејќи им се допаѓаат видеата што ги покажуваат точките што сакаме да ги нагласиме. Еден фокус е претерано реагирање и провоцирање. Ова однесување треба да се запре, бидејќи не е добро за ракометот. За однесување како паѓање назад или намерно паѓање, нема да има толеранција – рече Тогстад, пренесе ЕХФ.
Одлуките за пасивна игра се дискутираат со години.
– Откако се променија правилата за пасивна игра и судиите поминаа темелни обуки на оваа тема, ситуацијата навистина се подобри во претходните години. Особено за ситуации со пасивна игра, судиите мора да ја читаат играта. Ако препознаат и идентификуваат недостиг од напаѓачка намера, мора да покажат предупредувачки сигнал и строго да дозволат само четири додавања. Ако нема активен обид за постигнување гол, тие мора да досудат губење на топката. Но, како што реков, пасивната игра повеќе не е најголемиот проблем, но, сепак, треба да се надгледува – вели тој.
Ќе има новитет во употребата на видеорепродукција (ВР).
– Ги истакнавме тие 11 ситуации во кои треба да се користи ВР, кој е одлична алатка за да им помогне на судиите да носат правилни одлуки на транспарентен начин. Употребата на сите технологии го подобри ракометот. Имајќи го предвид овој споменат тек на натпреварот, упатствата го вклучуваат бројот на ВР-ситуации по меч и времетраењето додека не се донесе одлука. Судиите треба да одвојат време да гледаат и да одлучуваат правилно. Освен тоа, јасно сакаме да избегнеме ситуации во кои играчите или селекторите се обидуваат да ги провоцираат судиите да користат ВР. Сѐ уште е одлука на судијата кога да го користи тоа – рече Тогстад. Н.М.