Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Шведска во земјава, Ола Солстром. Главна тема на разговорот беше претстојниот Прв форум за енергетска дипломатија, насловен „Обновливи извори и жени во енергетиката“, кој ќе се одржи утре.

Настанот е во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации, Програмата за развој на ОН (УНДП) и Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ).

Амбасадорот Солстром ја потврдил безрезервната поддршка на Шведска за одржувањето на форумот, нагласувајќи дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во забрзувањето на зелената транзиција, привлекувањето зелени инвестиции и поголемото вклучување на жените во енергетскиот сектор и енергетската дипломатија.

Фото: МЕРМС

Божиновска, од своја страна, изразила благодарност за континуираната поддршка што Шведска ѝ ја дава на Македонија, особено преку споделувањето искуства и европски практики, како и поддршката на реформските процеси во енергетиката.

На средбата биле разгледани и можностите за продлабочување на билатералната соработка, со посебен акцент на стратешките инфраструктурни проекти, модернизацијата на енергетската мрежа и развојот на капацитетите за производство на енергија од обновливи извори.

Од Министерството посочуваат дека зајакнувањето на енергетската отпорност и регионалното поврзување остануваат меѓу клучните приоритети, а соработката со партнери како Шведска претставува важен поттик за стабилен и одржлив развој на енергетскиот сектор.