Културно-информативниот центар на Македонија во Белград вечерва во Ниш ќе ги претстави виолинистката Вероника Мона Богиќ и композиторот, диригент и пијанист Никола Лекиќ – млади музички уметници со македонско потекло, кои се вбројуваат меѓу истакнатите таленти на српската музичка сцена.

Концертот ќе почне во 19 часот во Концертно-изложбениот простор на Факултетот за уметности во Ниш, а ќе го отворат деканката на Факултетот, Милена Ињац, и директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.

Настанот е насловен „Извори“, според композицијата на Никола Лекиќ, напишана за виолинистката Вероника Мона Богиќ. Делото премиерно беше изведено во мај годинава, во рамките на Деновите на македонската култура.

Композицијата е инспирирана од музичкото наследство на Балканот, а особено од македонската музичка традиција. Нејзиното влијание е најизразено во завршниот дел, во кој се препознава карактеристичниот седумосмински ритам.

На програмата ќе бидат застапени и дела од македонските композитори Томислав Зографски и Давор Јовановски. Богиќ и Лекиќ ќе ја изведат Свитата за виолина и пијано, опус 28, од Зографски, како и композициите „Анели“ (Anely), „Клеј клаудс“ (Clay Clouds) и „Јовка“ од Јовановски.

Никола Лекиќ е композитор, диригент и пијанист, чија работа опфаќа филмска, театарска и концертна музика, како и музика за видеоигри. Магистрирал филмска музика на Музичкиот колеџ „Беркли“, а основните и магистерските студии по диригирање ги завршил на Универзитетот за уметности во Белград, каде што бил прогласен за најдобар студент на генерацијата.

Како диригент работи и во рамките на проектот Фејмс (FAME’S), а диригирал и учествувал во снимања во студиото „Ер“ (AIR Studios) во Лондон за големи холивудски продукции. Добитник е на 17 награди на национални и меѓународни натпревари.

Вероника Мона Богиќ е родена во Белград, каде што дипломирала и магистрирала виолина на Факултетот за музичка уметност. Во моментов е на докторски студии по виолина.

Добитничка е на повеќе меѓународни признанија, меѓу кои и награди на натпреварите „Артур Гримио“ (Arthur Grumiaux) во Белгија, „Охридски бисер“, „Антонио Салиери“ (Antonio Salieri) и „Родолфо Липицер“ (Rodolfo Lipizer) во Италија. Настапувала во повеќе европски земји и на Блискиот Исток, а од 2024 година одржува музички работилници за деца под покровителство на Македонскиот национален совет во Србија.

Двајцата музичари имаат македонско потекло по мајчина линија и се познавачи на традиционалното и современото македонско музичко творештво.

Концертот е дел од проектот на КИЦ Белград за промоција на младите музички таленти со македонско потекло кои живеат и работат во Србија.