Фото: „Нова Македонија“

Дури 17 од вкупно 22 главни американски федерални агенции не ги имплементирале целосно клучните упатства за кибер безбедност, со што се зголемува ризикот од хакерски напади и нарушување на работата на владините системи. Ова го покажува најновиот извештај на Канцеларијата за одговорност на владата на САД (GAO).

Меѓу институциите кои не ги исполниле целосно безбедносните барања се Министерството за внатрешна безбедност, Министерството за правда, Стејт департментот, Министерството за финансии и Министерството за здравство и социјални услуги.

Во извештајот се анализира дали федералните агенции ги вклучиле во своите безбедносни планови клучните насоки за примена на таканаречената архитектура на нулта доверба (Zero Trust Architecture).

Станува збор за модел на кибер безбедност според кој идентитетот и доверливоста на секој корисник, уред и систем мора да бидат проверени пред да им се дозволи пристап до заштитените мрежи и податоци.

Иако повеќето агенции имаат изработено општи планови за спроведување на овој модел, 17 од нив не ги вклучиле целосно неопходните технички и организациски мерки.

Како најчести слабости се посочуваат недоволната идентификација на корисниците и софтверските апликации во ИТ-системите, недоволно јасно дефинираните одговорности за спроведување на безбедносните планови, како и недостатоците во документацијата.

Претставници на федералните институции како главни пречки за целосна имплементација ги навеле недостигот од квалификуван персонал и ограничените буџетски средства.

GAO идентификувала вкупно 17 агенции со недостатоци и упатила 40 препораки за подобрување на нивната кибер безбедност. Најголем број препораки, вкупно шест, добило Министерството за здравство и социјални услуги (HHS).

Извештајот предупредува дека нецелосното спроведување на безбедносните стандарди може да ги остави владините ИТ-системи изложени на дополнителни ризици од кибер напади и нарушувања.