Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) повторно ги ангажираше специјализираните спасувачки тимови во потрагата по лицето кое исчезна во реката Вардар кај Гостивар. Акцијата се спроведува по барање на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што информираат од ДЗС, во теренските активности учествува и заменик-директорот на Дирекцијата, Кашмир Салиу.
Во потрагата е вклучен Тимот за брз одговор за спасување на води, со логистичка поддршка од Подрачното одделение на ДЗС во Гостивар.
Спасувачките екипи го пребаруваат течението на Вардар, почнувајќи од критичните точки во градот, а потрагата продолжува и кон низводните делови на реката. Акцијата се реализира во координација со полицијата и локалните надлежни служби.
Од Дирекцијата за заштита и спасување упатија апел до граѓаните доколку располагаат со какви било информации за исчезнатото лице или забележат нешто покрај речното корито, веднаш да го пријават случајот во полиција или на телефонскиот број 112.
































