Инструктор по алпинизам од Србија се здобил со тешки телесни повреди откако паднал од карпа за време на искачување во реонот на старите тунели кај Демир Капија.
Според информациите од СВР Велес, несреќата се случила вчера околу 13.35 часот, додека инструкторот (61 годишен), кој бил главен инструктор во планинарското спортско друштво „Стена“ од Белград, се искачувал заедно со уште шест алпинисти од Србија.
При искачувањето по претходно поставена алпинистичка насока, тој предупредил дека карпите се кршливи и лизгави. Во еден момент се откинало парче од карпата, по што паднал. Благодарение на брзата реакција на лицето кое го обезбедувало јажето, успеал да биде задржан на висина од околу 15 метри над земјата.
Во спасувачката акција се вклучиле и припадници на специјалната единица на Армијата „Волци“, кои во близина изведувале алпинистичка вежба. Тие му укажале прва помош и го извлекле на безбедно и пристапно место, од каде што бил преземен од екипа на Итната медицинска помош од Неготино.
Повредениот бил пренесен во Општата болница во Велес, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Од СВР Велес информираат дека увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од ОВР Неготино.































