Новиот систем „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан меѓу Македонија и Албанија ќе донесе поедноставни гранични процедури, побрзо движење и поголема меѓусебна доверба, порача албанскиот премиер Еди Рама на заедничкиот настан со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Рама направи споредба меѓу досегашниот начин на функционирање на граничните контроли и новиот модел, нагласувајќи дека со воведувањето на „One Stop Shop“ се менува пристапот кон граѓаните и патниците, пренесе МИА.
– Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај – рече Рама.
Албанскиот премиер оцени дека воспоставувањето на системот претставува уште еден значаен чекор во унапредувањето на билатералната соработка и приближувањето на двете земји кон Европската Унија.
Тој се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, со посебен акцент на Коридорот 8, кој, според него, има стратешко значење за поврзувањето на двете држави, но и за нивниот европски и евроатлантски пат.
Рама упати благодарност до институциите и вработените кои учествуваа во реализацијата на проектот, нагласувајќи дека моделот „One Stop Shop“ треба да се прошири и на другите гранични премини меѓу Македонија и Албанија.































