Под мотото „НЕ БРЗАЈ. НЕКОЈ ТЕ ЧЕКА ДОМА!“, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата при Општина Прилеп, во соработка со основните училишта, организираше јавен настан за подигнување на свеста по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
Кампањата има цел да ја поттикне сообраќајната култура и личната одговорност на сите учесници во сообраќајот, испраќајќи порака дека внимателното однесување на патиштата може да спаси човечки животи.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека почитувањето на сообраќајните правила и прописите е неопходно за намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Тој посочи дека Општината презема мерки за зголемување на безбедноста, меѓу кои и поставување успорувачи на сообраќајот на повеќе улици.
– Потребни се добри норми за почитување на сообраќајните правила и прописи. Сите да се грижиме и да придонесуваме да нема сообраќајни незгоди. Како Општина преземаме мерки за безбеден сообраќај. На голем дел од улиците поставивме грби, односно легнати полицајци, што даваат резултати. Деновиве ќе објавиме јавна набавка за систем за мониторирање на јавните сообраќајници, со цел зголемување на безбедноста – рече Проданоски.
Од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот посочуваат дека, и покрај намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди и загинати лица во текот на годинава, подигнувањето на јавната свест останува особено важно.
Во знак на почит кон жртвите, учениците од сите прилепски основни училишта, заедно со наставниците, изработиле 132 пораки – по една за секој човечки живот загубен во сообраќајни незгоди во земјава во 2025 година.
Држејќи ги пораките во рацете, најмладите упатиле емотивен апел до возачите со пораки како „Мамо, тато, ве чекам дома!“, „Не брзај покрај моето училиште!“ и „Животот нема реприза!“.
– Со својот искрен детски глас, тие потсетија дека сообраќајната безбедност е заедничка одговорност и дека секое невнимание може да уништи нечие семејство – велат од Општинскиот совет.
Учениците упатиле и директни пораки до возачите во градот, повикувајќи ги да возат внимателно, да ги почитуваат правилата и да ја приспособат брзината на условите на патот.
Ка.М.
































