Протестот на младите против задолжителната воена служба и милитаризацијата на Германија сè уште трае на плоштадот „Александерплац“ во Берлин. По собирот, учесниците ќе продолжат во протестен марш кон плоштадот „Маријаненплац“, каде што е предвидено да заврши демонстрацијата, пренесе МИА.
Главните барања на младите се укинување на задолжителната воена служба, запирање на зголемувањето на военото вооружување и пренасочување на јавните средства кон образованието и социјалната заштита. Тие бараат и прекин на производството на оружје и безусловна меѓународна солидарност, оценувајќи дека средствата за милитаризација се издвојуваат на сметка на потребите и квалитетот на живот на младите.
Портпаролката на иницијативата „Училишен штрајк против задолжителната воена служба“ (Schulstreik gegen Wehrpflicht), Џули-Софи Фелдер, во изјава за МИА рече дека на движењето му се приклучила на почетокот на март. Нејзиното учество, како што посочи, е поттикнато и од последиците што намалувањето на јавните средства ги има врз секојдневието на младите.
Како пример ја наведе состојбата во училиштето на нејзината сестра, каде што постоела опасност прозорците да испаднат од рамките и да паднат врз учениците. Наместо да бидат поправени, бил изграден тунел за заштита на учениците, бидејќи немало доволно средства за нивна санација.
– Сакам да истакнам и дека не сакам да загинам во војна. Го гледаме зголемувањето на воените трошоци, кое се претставува како зајакнување на одбранбената армија, но активно служи за подготовка за војна. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус самиот изјави дека до 2029 година треба да бидеме подготвени за војна, а јас немам намера да загинам во војна – изјави Фелдер за МИА.
Таа оцени дека зголемените издвојувања за милитаризација одат на сметка на други општествени области, кои, според неа, се клучни за квалитетот на животот на младите.
– Бараме повторно да има повеќе пари за образованието и социјалната заштита. Бараме укинување на задолжителната воена служба, а особено укинување на лекарските прегледи за регрутација, кои веќе започнаа, иако требаше да почнат дури во средината на 2027 година – посочи таа.
Меѓу барањата на младинското движење се и безусловна меѓународна солидарност и итно запирање на производството на оружје во берлинската населба Вединг.
– Не сакаме да поддржуваме геноцид – порача Фелдер.
































