Фото: Твитер

Европската комисија денеска соопшти дека отвора две нови казнени процедури против Бугарија – поради воведувањето на правилата против измамите со безготовински платежни средства и против обесшумувањето. Комисијата продолжува и со процедурата поврзана со правилата за сезонските работници.

Како што јави БТА, Комисијата отвора процедури против Бугарија, Белгија, Хрватска, Полска и Словенија за правилно да ги воведат правилата против измамите со безготовински платежни средства. Според Комисијата, овие правила се неправилно воведени во националните законодавства на посочените држави. Европските правила ги дефинираат кривичните дела и казните поврзани со измами и фалсификување на безготовински платежни средства. Се предвидува криминализирање на измамничкото користење, кражбата, фалсификувањето и незаконската дистрибуција на физички и дигитални платежни средства, како и на кибер-нападите и манипулирањето со податоци што се користат за кражба на парични средства. Правилата воведуваат одговорност и казни за физички и правни лица, при што од државите во ЕУ се очекува да ја подобрат соработката и размената на информации. Со оглед на неправилното воведување на правилата во однос на кривичните дела, ЕК ја почнува процедурата и дава двомесечен рок за отстранување на пропустите, а потоа ќе процени дали да продолжи со постапката, се наведува во соопштението.

Комисијата ги повикува Бугарија и Белгија правилно да ги воведат во своето национално законодавство европските правила за сезонските работници. Европското законодавство предвидува брзи, правични и транспарентни правила за прием на сезонски работници од држави надвор од ЕУ, со цел да се задоволи побарувачката на работна сила, појаснува ЕК. Ова е важен услов за законско привлекување работници неопходни за сезонско вработување и за намалување на илегалната миграција, се вели во соопштението. Комисијата ја почна оваа процедура во април 2023 година со барање за воведување услови за прием или престој, обврски за обезбедување информации, како и казни и процедурални заштити. Одговорите добиени од двете држави не ги отстранија сите загрижености и сега ЕК дава двомесечен рок за преземање на неопходните мерки, а потоа може да го предаде прашањето пред Судот на ЕУ.

Според третата процедура, Бугарија, Грција, Малта и Полска добиваат двомесечен рок за правилно воведување на европските правила против обесшумувањето. Посочените држави немаат определено надлежни органи кои ќе следат дали стоките на пазарот придонесуваат за обесшумување. Рокот за воведување на измените во законодавството на ЕУ истече на 30 декември 2023 година, се прецизира во соопштението. Се појаснува дека Бугарија определила надлежни органи за сите стоки опфатени со законодавството, со исклучок на каучукот.