Македонија и мултиполарниот свет

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Кина, ќе учествува на самитот на АПЕК. Се очекува пристигнување и на американскиот претседател Доналд Трамп. Појавувањето, пак, на кинескиот претседател на пистата за пречек на Трамп е јасен сигнал за важноста што Пекинг им ја придава на односите со Соединетите Американски Држави. На 19 ноември, во јужниот кинески технолошки центар Шенжен, за време на одржувањето на меѓународниот форум за економска соработка на Азија и Пацификот – АПЕК, се очекува најавениот трилатерален самит меѓу претседателите на Кина, САД и на Русија.
Меѓународниот форум за економска соработка на Азија и Пацификот – АПЕК (Asia-Pacific Economic Cooperation) е формиран во 1989 година во Канбера, Австралија, заради слободен и отворен трговски и инвестициски систем во регионот, како и одржлив економски раст и просперитет, меѓу 21 членка: САД, Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Канада, Русија, Мексико, Индонезија, Тајланд, Виетнам, Сингапур, Малезија, Филипини, Нов Зеланд, Чиле, Перу, Папуа Нова Гвинеја, Брунеј, Хонгконг и Тајван.
Сите се движат кон новиот мултиполарен светски поредок и Македонија мора да ја приспособи својата надворешна политика на новата геополитичка карта. Американскиот унилатерализам и европоцентризмот сè повеќе стануваат трајно минато свршено време. Светот ниту започнува во Брисел и во Вашингтон, ниту пак таму завршува историјата. Македонија мора да гради политики на активен мултилатерализам, од пријатели никогаш доста, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
Ако не ми отворите врата, нема да умрам на прагот од вашата куќа – пат под нозе, светот е преголем за преживување и опстанок!
Апсолутно е неприфатливо власта да гради буџет врз донации и субвенции од туѓинци – никој не го прави тоа од љубов, во меѓусебните односи владеат само интересите. Впрочем и наједноставната дефиниција за зборот политика е: политиката е интерес. Независно од тоа каде и преку кого ќе го остварувате тој интерес. Нели важи и правилото дека не се избираат средства за да се оствари целта?
Но основно е правилото: ако имате цел, ќе го најдете и патот, ако немате цел, секој пат е погрешниот. Исто како и во медицината, без дијагноза, секоја терапија г- убива духот и телото, наспроти синтагмата – во здраво тело, здрав дух!
Македонија гради политики на добрососедство: ги прифаќа соседните држави како политички нации со своја културна идентификација, не се меша во нивните внатрешни работи и историските корени во Африка и Азија, меѓутоа отфрла грубо мешање на соседните држави во внатрешните работи на државата Македонија.
Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, од светот и татковината, преферираат историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави, меѓутоа врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост.
Македонците се свесни дека империјата Македонија не може да се супституира во републиката Македонија. Македонците се свесни дека сите нации држави на Балканот како поранешни делови на исти империи на овие простори споделуваат исти или слични културно-историски вредности, исто или слично културно-историско наследство. Дополнително, балканските нации математички дејствуваат како инверзни матрици во иреверзибилни процеси. Во такви услови, невозможна мисија е одговор на прашањето што е постаро кокошката или јајцето. Затоа Македонците, макар и еднострано, декларираат: културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историското наследство на сите балкански демоси како современи политички нации во чија основа е македонскиот етнос – независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.

Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, од светот и татковината, преферираат неутрална држава и споделена безбедност во Европа и светот, посакуваат траен мир и развој меѓу народите и државите, посакуваат мир и развој на човештвото.
Впрочем, Македонија е суверена и самостојна држава, чиј суверенитет е неделив, неотуѓив и непренослив, произлегува од граѓаните и ним им припаѓа, а тие, пак, ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници и по пат на референдум. Оттука, во каков било сојуз е приоритетен Уставот наспроти договорот за сојуз со држави. Не може меѓународниот договор да ги суспендира домашното право и уставноправниот поредок!
Кон сето ова и потсетувањето: на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, речиси четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, ГЛАСАА ЗА „суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, а на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, НЕ ГЛАСАА „за членство во ЕУ и НАТО“ и го отфрлија договорот Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година со кој Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија. Одлуките на референдумите се задолжителни за сите без исклучок!
Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, од трилатералниот самит меѓу претседателите на Кина, САД и на Русија очекуваат глобални договори за крај на војните во светот.
Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, посакуваат лидерите Си Џинпинг, Трамп и Путин да постигнат глобален договор за неширење на нуклеарното оружје.
Нужен е крај на западниот „протекционизам“ и санкциите во меѓународните односи.
Си Џинпинг, Трамп и Путин се очекува да разговараат за војната меѓу Русија и Украина и војната на САД со Иран, како и за други жешки точки како што се трговијата, вештачката интелигенција и нуклеарното оружје.
Средбата на тројцата светски лидери предизвикува споредби со Јалтската конференција од 1945 година меѓу САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз, која ги формализираше сферите на влијание, ја постави сцената за поредокот по Втората светска војна и стана синоним за договори на големите сили наметнати врз помалите земји. Но Москва ги отфрли споредбите со Јалтската конференција како „игри на политиколозите“, иако потврдува дека средбата ќе има големо влијание врз глобалните работи. Пекинг, пак, смета дека трилатералата ќе ги промовира светскиот мир и развој!

Се разбира, очекувана е вознемиреноста на лидерите на помалите економии, особено во Европа и Азија, кои стравуваат дека најголемите воени сили во светот ќе ги игнорираат нивните интереси.
Заслужува поддршка намерата на големите сили за „слободна и отворена трговија“, наспроти САД, кои ги зголемија царините и усвоија поцврста надворешна политика под Трамп.
Забелешките на Си Џинпинг доаѓаат откако Вашингтон најави дополнителни ограничувања за пристапот на Кина до напредни чипови за вештачка интелигенција од компании како „Енвидија“, што би можело дополнително да го комплицира кревкото трговско примирје со Пекинг. Можно е Кина да возврати.
И Македонија е за слободна и отворена трговија и инвестиции. Власта не смее да ја претвори Македонија во нечиј резерват и ексклузивно право. Македонија е важна крстосница во регионот на Југоисточна Европа, таа е упатена на трансверзалите запад-исток и север-југ. И Македонија сака намалување на царините и отворени пазари, Македонија се спротивставува на протекционизмот, унилатерализмот и центризмот.
Западните трговски партнери ја критикуваат Кина за годишни трговски суфицити од над еден трилион долари преку политики што го поддржуваат кинескиот производствен сектор на сметка на нејзините потрошувачи. Пекинг вели дека неговиот модел на раст е соодветен за економија што сè уште ги достигнува најбогатите во светот, но Вашингтон, Брисел и другите центри се загрижени дека доминацијата на Кина во синџирите на снабдување ѝ дава геополитичка предност и предупредуваат дека нејзините политики им се закануваат на нивните индустрии и работни места. За разлика од западните демократии, Кина ќе продолжи да инвестира во својот индустриски комплекс и да развива нови технологии, кои, исто така, ќе им користат на другите земји. Втората по големина економија во светот ќе ги намали царините и дополнително ќе ги отвори своите пазари.
Неговата „порака веројатно ќе одекне кај многу земји од глобалниот југ и ги засилува напорите на Пекинг да ја спротивстави својата технолошка стратегија со онаа на Вашингтон“, рече Џорџ Чен, партнер и претседател на дигиталната пракса во „Ејжа груп“.

Патувањето на Трамп во Азија е прво за него откако неговата Републиканска партија загуби на меѓуизборите, додека обвинувањата во кои се вклучени основачот на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, и осомничен кинески шпион, ја зголемуваат тензијата.
Сепак, повеќето аналитичари очекуваат Вашингтон и Пекинг да ги одржат врските релативно стабилни, бидејќи Трамп и Џинпинг по нивната средба в четврток во Шенжен треба да ја одржат и четвртата средба оваа година на собирот на Групата 20 во Мајами во декември.
За жал, Европа е во „понижувачки пад“ – антируските санкции воведени по руската инвазија врз Украина имаат спротивен ефект, односно ја направија Русија уште посилна. Санкциите, царините и извозните ограничувања сè уште можат да имаат одреден ефект на одвраќање, но тие не се способни да го запрат растот, а камоли да ги уништат економиите на конкурентите.
Руско-кинеското партнерство де факто и де јуре го унапредува мултиполарниот свет. Во секој случај, од претстојната трилатерална средба меѓу лидерите на Русија, на Кина и на Соединетите Американски Држави, турбулентниот свет ќе има поголема корист отколку што има денес.
Европа без Русија е илузија! ЕУ мора да постигне договор со Руската Федерација за мир и развој, за споделена безбедност! ЕУ не може да води војна со Русија, ниту да ги решава внатрешните проблеми со свртување на вниманието на домашната јавност кон „вечниот непријател“ – Русија.
Македонија, секако, внимателно треба да ги следи меѓународните односи и да се приспособува на новиот мултиполарен свет!

Тодор Петров