Има нешто мошне поразително во фактот што и по 35 години независност, дел од Mакедонците сè уште се однесуваат како да немаат своја држава, јазик, име, Устав. Оние што ги (веле)предадоа овие темели на македонската државност, од позиција на власт, продолжуваат да го прават тоа и од опозиција. Како Уставот да е некаква работна верзија во која секој што ќе си земе за право може да пречкрта нешто, да допише нова реченица и да побара да се потпишеме под неа.
Не е проблемот во тоа што Уставот се менува. Секоја држава има право да ги приспособува своите највисоки правни акти на времето во кое живее. Проблемот е кога тие промени не произлегуваат од потребите на општеството, туку од политички притисоци, надворешни условувања и домашни пазарења. Тогаш Уставот престанува да биде израз на државната волја и станува список на туѓи желби.
А токму тоа, чинам, ни се случува со години.
Кога ја прогласивме независноста, во 1991 година, донесовме Устав што јасно ја дефинираше Македонија како национална држава на македонскиот народ, со гарантирана граѓанска рамноправност и трајно сожителство со сите други заедници. Значи, никој не беше избришан, никому не му беа одземени правата, ниту, пак, државата беше замислена како простор само за едни, а не за други. Напротив, идејата беше мошне едноставна, македонскиот народ ја има својата историска и државотворна улога, а сите граѓани, без оглед на етничката припадност, се рамноправни пред Уставот и законите.
Но, очигледно, и тоа не беше доволно.
Следуваа амандмани, политички компромиси, нови формулации, нови толкувања. По секоја поголема криза, Уставот добиваше некаква нова верзија, а со секоја интервенција се отвораше прашањето дали навистина ги решаваме проблемите или само ги одложуваме за некоја следна политичка гарнитура.
Амандманите од 2001 година ја променија дотогашната уставна поставеност, а со интервенциите од 2019 година повторно се менуваше начинот на кој се дефинираат заедниците во преамбулата. Сега, по сето тоа, на маса е ново барање за уставни измени. И повторно слушаме дека тоа е услов за европската иднина, дека треба да се направи што побрзо, дека потоа ќе следуваат подобри денови.
Само што вакви ветувања веќе сме слушале.
И тука не станува збор за тоа дали некој граѓанин се чувствува Бугарин, Албанец, Турчин, Влав, Ром или припадник на која било друга заедница. Тоа е негово лично право и државата мора да го почитува. Но едно е да се гарантираат индивидуалните права и слободи, а сосема друго е од Уставот да се прави инструмент за задоволување политички барања што постојано се менуваат.
Зошто, на пример, не би можеле да разговараме за европски уставни решенија? Хрватска, Словенија, Полска, Чешка и други членки на Европската Унија имаат свои модели во кои јасно е препознаена историската и државотворната улога на мнозинскиот народ, без притоа да се доведува во прашање рамноправноста на другите граѓани. Ако тие решенија се демократски и европски во нивните држави, зошто однапред би биле неприфатливи кога станува збор за Македонија?
Не гледам причина Уставот да биде предмет на туѓо толкување само затоа што сме помала држава и затоа што ни е потребна европска поддршка.
Европската Унија, се разбира, има право да поставува услови за членство. Но има ли некој обврска да ни гарантира дека со исполнувањето на едно барање нема да се појави друго? Досегашното искуство не ни дава многу причини за оптимизам. Постојано ни се објаснува дека следниот чекор е последниот, дека треба само уште малку да се поместиме, уште нешто да смениме, уште еднаш да покажеме добра волја.
А потоа повторно се отвора ново поглавје на условувања.
Мене лично најмногу ме загрижува што во целата оваа приказна сè поретко се зборува за суштината на македонската државност. Како да стана непријатно да се спомене дека македонскиот народ ја создал и ја конституирал сопствената држава, дека има историски континуитет и дека неговата државотворна улога не е некаква привилегија што треба да му ја потврди соседот, Брисел или кој било друг.
Тоа не значи дека Македонија треба да биде затворена држава, ниту дека треба да ги игнорира правата на другите. Напротив, вистинската сила на една држава е токму во способноста да ги заштити сите свои граѓани, без притоа да се откаже од сопствените темели.
Затоа мислам дека е време да престанеме да се однесуваме како секоја уставна промена да е доказ за нашата европска посветеност. Понекогаш, напротив, одбивањето да се прифати решение што не одговара на сопствените интереси може да биде најдобриот доказ за политичка зрелост.
Уставот не е ниту партиски документ, ниту дипломатски подарок, ниту тетратка во која секој сосед може да запише што му пречи кај нас. Тој е темел на државата и договор на нејзините граѓани за тоа како сакаат да живеат и во каква држава сакаат да се препознаваат.
И можеби е крајно време да разбереме дека патот кон Европа не смее да значи пат по кој постојано се оддалечуваме од самите себе.
































