Јас не можам да кажам дали има сигнали за поместување, но, се разбира, разговараме. Разговараме и со највисоките претставници на Европската Унија. Ние сме подготвени да разговараме и со соседот, но бараме извесност – рече претседателката Гордана Силјановска-Давкова, одговарајќи на новинарско прашање дали на дипломатски план има сигнали за позитивно поместување во дијалогот со Бугарија.
– Се разбира дека не сме радикални во барањата. Ние само сакаме извесност. Сакаме ова да не биде уште една измена заради измена, по која ќе следува нова. Не сакаме да бидеме третирани поинаку од другите. Едноставно сакаме да знаеме дека, ако нешто „мора“ да се направи, тоа нема да биде само едно од многуте други барања – изјави претседателката по денешната дебата во Собранието по повод 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав, пренесува МИА.
































