Фото: Твитер

Европската комисија ја зголеми прогнозата за економскиот раст на Европската Унија во 2026 година, но очекува и повисока инфлација од претходно предвидената, покажува економската прогноза објавена денеска.

Според најновите проекции, бруто-домашниот производ (БДП) на 27-те земји членки годинава ќе порасне за 1,4 отсто, наспроти 1,1 отсто колку што Комисијата предвидуваше во мај.

Подобрата прогноза за растот се должи на стабилната потрошувачка и силниот пораст на извозот на стоки, потпомогнат од инвестициите во вештачка интелигенција и во инфраструктура за електрификација, соопшти Комисијата.

Економскиот раст на ЕУ се очекува да остане на 1,4 отсто во 2027 година, а во 2028 година благо да се зголеми на 1,5 отсто.

Комисијата предвидува годишната инфлација во ЕУ да изнесува 3,3 отсто во 2026 година и 3,2 отсто во 2027 година. Двете стапки се значително повисоки од пролетните проекции. Во 2028 година се очекува инфлацијата да се намали на 2,3 отсто.