Нашата цел е да овозможиме научна анализа и претставување на институционалните облици и процеси преку кои се развивала македонската државност од крајот на 19. и почетокот на 20. век. Токму архивските извори овозможуваат да се проследат генезата на идејата за сопствена држава, нејзиниот политички и правен развој, како и историските процеси што доведоа до стекнувањето на независноста – истакна директорот на Државниот архив Димитар Богески на отворањето на меѓународниот научен симпозиум „Уставност, суверенитет и традиција“, по повод 35 години од донесувањето на првиот Устав на Република Македонија.
Богески од собраниската говорница посочи дека зачувувањето на националниот идентитет и колективната меморија има особено значење во овој историски развој. Архивските документи, како што рече, се автентични сведоштва за борбата за слобода, националната афирмација, културниот развој и стремежите на генерациите што придонесоа за создавањето на македонската држава во 1991 година.
– Во нив се содржани историското искуство, државотворната мисла и континуитетот на стремежот на македонскиот народ за сопствена држава. Подеднакво значајна е и улогата на архивските документи во потврдувањето на суверенитетот и меѓународноправниот субјективитет на државата. Во архивските фондови на Државниот архив се чуваат документи поврзани со суверените права на државата, нејзиниот територијален интегритет, меѓународното признавање и воспоставувањето дипломатски односи, како и одлуки на највисоките државни институции – Собранието, Владата и претседателот на Републиката. Оттука, архивските документи, покрај својата историска вредност, имаат и значајна правна и политичка улога во потврдувањето на државниот и институционалниот континуитет. Значењето на архивските извори добива дополнителна тежина во современите општествени и политички околности, особено во контекст на европските интеграции и предизвиците со кои се соочува Македонија – рече Богески.
Тој истакна дека, во услови на различни историски толкувања, политички влијанија и обиди за наметнување поинакви наративи за минатото на македонскиот народ, архивските документи како примарни историски извори се цврста основа за научно засновано и аргументирано толкување на историските процеси, зачувување на историската вистина и афирмирање на македонскиот национален и државен идентитет.
– Во овој контекст би сакал да ја истакнам и значајната улога на Државниот архив во функционирањето на правната држава. Архивот е институција што ја чува институционалната меморија, важен столб на правната сигурност и извор на докази за работењето на државните органи. Архивскиот материјал придонесува за транспарентноста, отчетноста и остварувањето на правата на граѓаните, потврдувајќи дека има трајно значење и за современото општество. Преку културно-просветната дејност што ја остваруваме во земјата и во странство, како и преку соработката со архивите на другите држави и културно-информативните центри на Македонија, активно учествуваме и во меѓународната афирмација на нашата држава – рече Богески.
Тој додаде дека со претставувањето на документарното наследство пред меѓународната научна и поширока јавност, Државниот архив придонесува за научната, културната и дипломатската афирмација на Македонија. На тој начин архивските документи стануваат важен дел од претставувањето на македонското историско искуство, државотворните процеси и културното наследство надвор од границите на државата.
– Во македонскиот историски контекст значењето на архивите особено доаѓа до израз преку документирањето на процесите што го обликувале македонското национално и државно прашање. Одлуките на АСНОМ од 2 август 1944 година, документите поврзани со конституирањето на македонската државност во рамките на југословенската федерација, документите од референдумот од 8 септември 1991 година, актите поврзани со прогласувањето на независноста и нејзиното меѓународно признавање, како и документите поврзани со потпишувањето и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, се дел од документарната основа за проучување на современата историја на македонската држава и општество – рече Богески.
Тој посочи дека ова документарно богатство е непроценлив извор за научно истражување и за разбирање на сложените историски процеси низ кои се развивала македонската државност. Богески додаде дека архивските извори овозможуваат стекнување нови научни сознанија, отвораат нови истражувачки перспективи и придонесуваат за продлабочување на знаењата за државноправната традиција, уставниот развој и континуитетот на македонската државност.
На одбележувањето на 35-годишнината од донесувањето на Уставот на Република Македонија се обрати и директорот на ЈНУ Институт за национална историја Митко Панов. Тој го почна говорот со мислата на Крсте Петков Мисирков „Самостојниот политички развиток на Македонија е неопходност“, изнесена уште во 1903 година во делото „За македонцките работи“. Со таа мисла, според Панов, Мисирков им дал јасен политички израз на повеќевековните државотворни стремежи, олицетворени во идеалите на македонската револуционерна организација и Илинденската епопеја.
– Една деценија подоцна, пораката во меморандумот од 7 јуни 1913 година, потпишан, меѓу другите, и од Димитрија Чуповски и упатен до сојузните балкански држави, била недвосмислена: „Македонија мора да биде самостојна држава со Влада одговорна пред народното собрание“. Во 1936 година Павле Шатев го формулирал принципот на самоопределување на народите, истакнувајќи дека тој не бил сува правна формула, туку патоводна ѕвезда што го покажува патот кон ослободувањето на Македонија. Таа патоводна ѕвезда ги осветли вториот Илинден и историското заседание на АСНОМ во 1944 година. Со Манифестот и историските одлуки на АСНОМ, идеалот за слободна македонска држава стана државноправна стварност, заокружена со Уставот од 1946 година и со начелото дека сета власт произлегува од народот и му припаѓа на народот. „Со новиот Устав на Република Македонија одлучивме за нејзините правни темели, темели на самостојна и суверена држава“, истакна претседателот Киро Глигоров. На тој начин Уставот го утврди суверенитетот како неделив, неотуѓив и непренослив – рече Панов.
Директорот на Институтот за национална историја истакна дека 35 години независна држава и осум децении уставотворна традиција не се само повод за историско сеќавање, туку и за реафирмација на Гоцевата визија за свет заснован врз рамноправноста и достоинството на народите.
– Почитувањето на рамноправноста и националниот идентитет е вградено во правниот поредок на Европската Унија. Договорот за Европската Унија изречно го утврдува почитувањето на еднаквоста на земјите членки и на нивните национални идентитети, неразделно поврзани со нивните основни политички и уставни структури. Во светлината на овие начела, современите предизвици пред македонската држава уште посилно ја потврдуваат пресудната улога на Уставот, не само како највисок правен акт, туку и како темелна заштита на суверенитетот, националниот идентитет и достоинството на нејзините граѓани – рече Панов.
Обраќањата на Богески и Панов беа дел од отворањето на меѓународниот научен симпозиум „Уставност, суверенитет и традиција“, по повод 35-годишнината од донесувањето на Уставот на Република Македонија, пренесува МИА.
































