Oil market
Фото: ЕПА

Цените на нафтата на светските берзи продолжија да се намалуваат и во утринското тргување, под влијание на зголемените очекувања дека глобалната понуда ќе ја надмине побарувачката. Главна причина за ваквите движења е побрзото обновување на извозот на нафта од Блискиот Исток, објави „Ројтерс“.

Според податоците од тргувањето во 8.20 часот по македонско време, цената на северноморската нафта „Брент“ падна за 0,9 проценти и достигна 91,62 долари за барел. Истовремено, американската сурова нафта WTI забележа пад од 1 процент, достигнувајќи 84,89 долари за барел.

Дополнителен притисок врз цените создаваат и прогнозите на Меѓународната агенција за енергија, која очекува во последниот квартал од годината глобалната понуда да биде поголема од побарувачката за околу 1,7 милиони барели дневно.

Според проценките на агенцијата, обновувањето на извозот од земјите на Блискиот Исток се одвива побрзо од растот на светската побарувачка, што ги засилува очекувањата за вишок на нафтениот пазар.

Сепак, ризиците за снабдувањето не се целосно отстранети. Инцидентите со танкери во Ормускиот Теснец и натаму претставуваат закана за непречениот транспорт на нафта.

И покрај овие ризици, во утринското тргување преовладаа очекувањата за зголемена понуда, што се одрази врз падот на цените на двата главни нафтени репери.