Фото: Пиксабеј

Најмалку 34 патници се повредени во судир на два патнички воза што се случи утрово во близина на Главната железничка станица во Прага. Неколкумина од повредените се здобиле со потешки повреди и биле пренесени во болници во чешката престолнина, соопштија железничките власти и службите за итна помош.

Несреќата се случила околу 7 часот наутро, кога два локални патнички воза се судриле челно на железнички надвозник над една од прометните улици во централното подрачје на Прага.

Според првичните информации, поради малата брзина со која се движеле возовите на оваа делница, материјалната штета била ограничена главно на предните делови од двете локомотиви.

Чешкиот министер за транспорт, Иван Беднарик, информираше дека сите патници биле безбедно евакуирани од двата воза.

Причините за несреќата засега не се познати. Истрагата за утврдување на околностите и причините за судирот ја спроведува Железничкиот инспекторат.