Фото: МВР

Од 15 ноември стапи во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во моторните возила кои учествуваат во јавниот сообраќај. Обврската ќе важи до 15 март, а се однесува на сите возачи, без оглед на временските услови, потсетуваат од Министерството за внатрешни работи.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секое возило мора да располага со пропишаната зимска опрема, во зависност од неговата категорија и технички карактеристики.

За патничките возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, дозволени се две опции: зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри или летни пневматици со иста минимална длабочина, но со задолжително поседување синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

Кај возилата со погон на сите четири тркала (4×4), зимските пневматици мора да имаат шара длабока најмалку 6 милиметри. Доколку се користат летни пневматици, минималната длабочина треба да биде 4 милиметри, а во возилото задолжително треба да има синџири за снег.

За товарните возила со тежина над 3.500 килограми, потребни се зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри. Како алтернатива, дозволени се летни пневматици со најмалку 4 милиметри длабочина, доколку возилото има соодветни синџири за снег.

Посебни правила важат за автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала. Тие мора да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Од МВР појаснуваат дека за зимски пневматици се сметаат оние на чија бочна страна се означени кратенките „MS“, „M+S“, „M&S“, како и симболот на снегулка во стилизирана планина со три врва.

Истовремено, потсетуваат дека употребата на пневматици со клинци е забранета во патниот сообраќај.

Од Министерството апелираат до возачите навреме да ја проверат и обезбедат потребната зимска опрема, со цел да се зголеми безбедноста и да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот во зимски услови.