Фото: „Нова Македонија“

Европските принципи на тест пред бриселските политички калкулации

  • Предупредувањето на Лаура Кодруца Ковеши дека „Европското јавно обвинителство може да биде тивко уништено токму затоа што си ја врши
    работата“ отвора дилема колкава е кредибилноста на Брисел кога бара независно правосудство и бескомпромисна борба против корупцијата од земјите што сакаат да станат членки на Унијата

Владеењето на правото и борбата против корупцијата се едни од основните вредности врз кои почива Европската Унија, а наедно и темелни услови што секоја земја кандидат мора да ги исполни на патот кон членството. Реформите во правосудството, независноста на обвинителите и ефикасното гонење на високата корупција се меѓу најважните мерила според кои Брисел го оценува напредокот на кандидатите.
Но што се случува кога и самата Унија се соочува со обиди за поткопување на институциите што треба да ги гонат злоупотребите на моќта? Неодамнешното предупредување на Лаура Кодруца Ковеши, првата обвинителка на Европското јавно обвинителство (ЕППО), дека оваа институција може да биде тивко уништена токму затоа што ја врши својата работа, отвора сериозна дилема за кредибилноста на европските принципи. Ако Унијата не успева да ја заштити независноста на сопствените обвинители од политички и финансиски притисоци, тогаш со каков авторитет може да бара од земјите кандидати да го прават она што и самата ризикува да го поткопа?

Кога обвинителите ќе се 0приближат до политичките центри на моќта

Во интервју за бриселски „Политико“, дадено во пресрет на истекот на нејзиниот седумгодишен мандат, Ковеши предупреди дека буџетските ограничувања и бирократската инерција ја загрозуваат иднината на Европското јавно обвинителство. Но се чини дека нејзината порака е многу подлабока од предупредување за недостиг од финансиски средства. Имено, таа укажува на опасноста политичките елити да ги поддржуваат независните институции сè додека нивната работа не почне да ги засега нивните лични и партиски интереси.
– Загрижена сум дека Европското јавно обвинителство ќе биде тивко уништено токму затоа што си ја врши работата – предупреди Ковеши.
Таа посочи дека зад декларативната поддршка за независно и ефикасно правосудство може да се крие сосема поинаква политичка реалност.
– Некои политичари зборуваат за независно и ефикасно правосудство, сè додека не ги допрете нив или нивниот најтесен круг – истакна Ковеши, објаснувајќи како се менува односот на власта кон обвинителите кога истрагите ќе се доближат до чувствителни политички интереси.
Според Ковеши, во такви моменти обвинителите почнуваат да се претставуваат како злоупотребувачи, им се припишува политичка агенда, а нивната работа се прогласува за непотребна. Потоа следуваат обиди за стеснување на нивните надлежности, ограничување на финансиските средства и расформирање на специјализираните полициски структури што им помагаат во истрагите.
Тоа е особено сериозно предупредување затоа што покажува дека институциите не мора формално да бидат укинати за да престанат ефикасно да функционираат. Доволно е постепено да им се одземаат инструментите со кои можат да стигнат до оние што располагаат со политичка и финансиска моќ.
Ковеши го посочи и случајот со Грција, каде што, според неа, се појавил проблем околу обновувањето на мандатите на европските делегирани обвинители. Како еден од клучните предизвици за иднината на институцијата таа ја издвои претстојната ревизија на регулативата, оценувајќи дека токму тогаш ќе се покаже кој навистина го поддржува независното правосудство.

Владеењето на правото не може да биде принцип по потреба

Предупредувањето на Ковеши отвора прашање што не се однесува само на Европското јавно обвинителство туку и на самото разбирање на владеењето на правото во Унијата. Ако европските политичари ја прифаќаат независноста на обвинителите само додека не ги засега нивните интереси, тогаш проблемот не е само во поединечни влади или во одделни држави, туку во подготвеноста на политичките елити навистина да се потчинат на правилата што јавно ги застапуваат.
Независното правосудство има смисла само ако може да истражува и да гони без оглед на функцијата, партиската припадност или влијанието на осомничените. Во спротивно, законите можат да бидат совршено напишани, институциите формално да постојат, а борбата против корупцијата да се претвори во селективна постапка во која одговорноста важи за едни, но не и за други.
Особено е загрижувачки кога слабеењето на независните институции се оправдува со буџетски ограничувања или со потребата од институционално преуредување. Се разбира, секоја институција мора да подлежи на финансиска контрола и да работи во рамките на јасно утврдени надлежности. Но ако кратењето на средствата, ограничувањето на овластувањата или кадровските промени се случуваат токму кога обвинителите почнуваат да истражуваат чувствителни случаи, тогаш се отвора сомнежот дека административните механизми се користат за политичко дисциплинирање на правосудството.
Токму тука се наоѓа суштината на предупредувањето на Ковеши, дека најголемата опасност за владеењето на правото не е само отвореното непочитување на законите туку и постепеното слабеење на институциите што треба да обезбедат нивна еднаква примена.

Важат ли европските критериуми и за оние што веќе се членки?

Македонија со години добива пораки дека напредокот кон членството во ЕУ зависи од реформите во правосудството, борбата против корупцијата и обезбедувањето независност на обвинителите. Тоа се легитимни барања, бидејќи без функционални институции, одговорност на власта и еднаквост пред законот не може да се изгради демократска држава. Но легитимноста на европските критериуми зависи и од доследноста со која самата Унија ги применува.
Ако политичкиот притисок врз обвинителите во земја кандидат од страна на Европската комисија се оценува како сериозна закана за владеењето на правото, тогаш обидите за ограничување на ресурсите, надлежностите или независноста на европските обвинители мора да бидат предмет на еднакво сериозна процена. Во спротивно, се создава впечаток дека европските стандарди се најстроги кога треба да ги исполнуваат оние што чекаат пред вратата, а стануваат предмет на политичко толкување кога проблемот ќе се појави во земја што веќе е дел од Унијата.
Ова не значи дека состојбите во Македонија и во земјите членки се идентични, ниту дека недостатоците во македонското правосудство треба да се оправдуваат со проблемите во Европа. Напротив, Македонија мора да ги спроведува реформите независно од тоа што се случува во Унијата и македонските граѓани постојано го бараат тоа. Но истовремено има право да очекува европските институции да покажат дека принципите што ги бараат од кандидатите не се само услов за членство туку и трајна обврска за сите.
Затоа предупредувањето на Ковеши е важно и за македонската европска перспектива. Ако независноста на обвинителството се мери според тоа колку далеку може да стигне во истрагите, тогаш ниту една држава не може да се смета за имуна на проблемите со владеењето на правото. Прашањето не е само дали постојат закони и стратегии против корупцијата туку и дали институциите имаат доволно сила и слобода да постапуваат и кога пред нив ќе се најдат моќни функционери или луѓе од нивниот најтесен круг.

Кредибилноста на Европа се брани со дела, а не со лекции

Некои од домашните познавачи на владеењето на правото и борбата против корупцијата во предупредувањата на Ковеши ја препознаваат пошироката нефункционалност на самата ЕУ, која, како што оценуваат, очигледно е разјадена одвнатре.
– За Македонија ова треба да е уште една лекција, за тоа дека сите реформи зависат исклучиво од нас и дека ниту ЕУ ќе ни ги среди состојбите, уште помалку европските обвинители ќе донесат некаква суштинска промена. Затоа крајно време да се променат некои овдешни наративи дека ако ги вметнеме Бугарите во Уставот, ќе се забрза македонската евроинтеграција, ќе дојдат европски обвинители и ќе ги подобрат владеењето на правото и борбата со корупцијата. Не е така. Македонија долго време ги приспособува своите институции и законодавство кон европските стандарди, додека реформите во правосудството остануваат едно од најчувствителните прашања во процесот на пристапување. Граѓаните, од друга страна, со години очекуваат поефикасна борба против корупцијата, одговорност за злоупотребите и правосудство што нема да прави разлика меѓу политички моќните и обичните граѓани. Токму затоа европските барања не треба да се отфрлаат, туку да се сфатат како обврска што важи и за македонските институции, но и за самата Унија ако сака да има кредибилитет кога кажува нешто. Брисел мора да биде свесен дека неговиот авторитет не произлегува само од правото да поставува услови туку и од способноста доследно да ги брани принципите врз кои тие услови се засноваат. Како сега европските политичари ќе говорат за владеење на правото, кога и самите внатре го опструираат. Ако Европското јавно обвинителство се соочи со ризик да биде ослабено поради тоа што истражува случаи што не им одговараат на одредени политички кругови, тогаш тоа не е само проблем на една европска институција, туку тоа е предупредување дека владеењето на правото може да биде поткопано и таму каде што формално е поставено како темелна вредност на системот – истакнуваат соговорниците.
Според нив, Европа денес се соочува со испит за веродостојноста на сопствените принципи токму во момент кога од земјите кандидати бара да ја докажат својата посветеност кон нив.
– Најголемата опасност за европската идеја не е само кога некоја земја ќе ги прекрши правилата туку и кога самата Унија ќе почне да ги третира како принципи што може да се приспособуваат на дневнополитичките потреби. Владеењето на правото или важи за сите, вклучувајќи ги и оние што ја имаат најголемата политичка моќ, или постепено престанува да биде принцип и се претвора во уште една политичка декларација – констатираат нашите соговорници.


Случаите што ја ставија на тест независноста на европските обвинители

Грчкиот скандал со земјоделските субвенции (ОПЕКЕПЕ) – Еден од најдиректните судири меѓу Европското јавно обвинителство и националните власти се случи во Грција, каде што се истражуваше сомневање за измами со европски земјоделски субвенции, во кои беа споменати и пратеници од владејачката партија. Ковеши предупреди на обиди за дискредитирање на обвинителите, а како особено загрижувачки ги посочи одлуките поврзани со мандатите на тројца европски делегирани обвинители што работеа на случајот. Наместо препорачаните пет години, нивните мандати беа продолжени за две години.
Истрагата за набавката на вакцините „фајзер“ – Европското јавно обвинителство ја презеде истрагата за можни кривични дела поврзани со преговорите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, за набавка на вакцини против ковид-19. Во интервјуто за „Политико“, Ковеши посочи дека некои високи функционери одбивале да се јават на покани за да дадат исказ. Таа не потврди дали нејзините забелешки се однесуваат конкретно на Фон дер Лајен, но случајот повторно го отвори прашањето дали највисоките европски функционери се еднакво достапни за истражните органи како и другите граѓани.
Законските ограничувања во Грција – Ковеши предупреди и дека измените на грчкиот закон за кривична постапка, со кои беше воведена посебна процедура за кривични дела на пратеници, можат да ја отежнат работата на европските обвинители. Таа ја извести Европската комисија дека овие измени, заедно со одлуките за мандатите на обвинителите, имаат негативно влијание врз независното и ефикасно функционирање на ЕППО во Грција. С.Т.