Неисчистени тротоари и патеки пред влезовите на станбените згради, неисчистени паркинзи, приоди пред дуќани, фирми и автобуски станици
Неисчистени тротоари, патеки пред влезовите на станбените згради, неисчистени паркинзи, приоди пред дуќани, фирми и автобуски станици со натрупан снег од завчерашните врнежи. Ова е сликата што можеше да се регистрира вчераутро, кога повторно над градот надвиснаа нови снежни облаци и снежните врнежи се интензивираа. Потфрлија повеќето од скопските општини, но и граѓаните, кои законски се обврзани да го исчистат снегот. Најголем дел скопјани коментираа дека снегот е исчистен само на главните сообраќајници и делови од градот, но дека не виделе никаде механизација да им ги исчисти станбените улици. Вчераутро не беше исчистено ниту пред влезовите на зелениот пазар „Буњаковец“, а на булеварите Цветан Димов и Партизански одреди беа само комуналците со лопати, кои почнуваа да ги чистат автобуските стојалишта. Не беше интервенирано во Радишани, Бутел, Скопје Север, Топанско Поле, Чаир, Ченто, Маџари, Железарница, Кисела Вода, Драчево и многу други скопски населби. Неисчистените делови од населбите, ако замрзнат носат опасност за пешаците. Но граѓаните треба да знаат дека доколку се повредиле поради неисчистениот снег, кој бил обврска на општината, и добиле скршеници, имаат законско право и да ја тужат. Само некои од скопските општини ја завршија својата обврска и навреме ги расчистија барем најфреквентните делови по кои се движат граѓаните.
Градските власти вчера упатија апел до сите правни лица, сопственици на локали, да го исчистат околниот простор пред својот објект, наведувајќи дека тоа е нивна обврска во согласност со членот 22 од Законот за јавна чистота. Но чистењето на снегот, исто така, е обврска и на граѓаните, и апелираа до куќните совети да се фатат за лопатите.
– Утрово појдов од Маџари до Радишани, а потоа до болницата „Систина“ и она што можев да го забележам е дека воопшто ништо не беше исчистено. Надлежните само фрлиле сол и ништо друго. До Радишани не можев да се качам, а како ли ќе биде кога сѐ ќе замрзне по најавените минусни температури. Како до таму ќе стигнуваат луѓето со автобус или такси не знам. На повисоките делови од градов е катастрофа. Не се исчистени паркинзи, автобуски – ни рече Владимир Ѓоргиевски, таксист во такси-компанијата „Плава лагуна“.
Она што уште беше евидентно уште по завчерашните снежни врнежи и хаосот што настана во градот поради протестите пред Собранието, е револтот на скопјани, кои се изначекаа на автобуските станици. Патници попладнето цел час и половина чекале автобус на линијата со број 19, затоа што возачот на претходниот, кој пристигнал по чекање од 45 минути, едноставно не ги отворил вратите за патниците. Граѓаните дискутираа за тоа дека информативните табли на автобуските станици воопшто не даваат точни информации, а автобусите во јавниот градски превоз воопшто не пристигнуваат по најавениот возен ред. И вчера, поради снегот, повеќе градски и приградски автобуски линии беа скратени. Како што информираа од ЈСП „Скопје“, не сообраќаат автобусите до Средно Водно и до Нерези и приградските линии 64, 74, 80, а и 81. Исто така, автобусите на некои од линиите не сообраќаа до нивните крајни дестинации. На меѓународниот аеродром „Скопје“ и покрај снежните врнежи се реализираат предвидените полетувања и слетувања, а вообичаено доцнење имаше во железничкиот и патниот сообраќај. Повеќето општински улици во градов не беа исчистени, а на нив веќе се натрупуваше нов снег. Во отежнати услови се одвиваше и сообраќајот, а вчерашниот билтен по изминатото деноноќие имаше податок за регистрирани 16 сообраќајни незгоди.
Иако дел од угостителските објекти веќе имаа почнато со работа и ги имаа примено првите гости, вчераутро го немаа исчистено снегот пред локалите. Законот за јавна чистота е јасен и ги задолжува сите сопственици или корисници на јавни објекти во зимски услови веднаш да почнат со чистење на снегот на отворените простори пред нивните објекти, за да обезбедат непречен пристап. Во спротивно, законот предвидува глоба во износ од 1.000 евра за сопственикот. Пред своите дуќани немаа исчистено ниту маалските сопственици на колонијали, каде што уште од отворањето влегуваа и излегуваа купувачи.
Таксисти вчера сведочеа дека не била исчистена ниту скопската обиколница, но на социјалните мрежи, граѓаните најмногу се жалеа од нередовните автобуси.
Од градот вчера информираа дека фрлиле 355 тони сол и дека екипите на зимската служба на Скопје интензивно работат на терен, на расчистување на снегот од коловозите и тротоарите на градските улици и булеварите, кои се во нивна надлежност. Дополнително, рекоа дека фрлиле сол на „критичните точки“. Во работата за чистење на тротоарите се ангажирани 80 работници од ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“. Паралелно со нив, велат дека екипи на ЈП „Водовод и канализација“ работат на терен за чистење на сливниците. Градот упати апел до возачите да не паркираат на улиците и булеварите и да овозможат непрекинато движење на возилата на зимската служба. Исто така, потсети дека во негова надлежност се булеварите и одредени градски улици, а другите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. И ЈП „Комунална хигиена“ упати апел до општините да си ја завршат нивната обврска за чистење на улиците во нивна надлежност за да може непрекинато да се собира комуналниот отпад.