Министерот за здравство Сашо Клековски денеска учествуваше на Денот на здравјето во рамки на конференцијата на Обединетите нации за климатски промени COP31, која се одржува во Анталија, Турција. Клековски се обрати на два настани на високо ниво, на кои во фокусот беа влијанието на климатските промени врз здравјето и јакнењето на здравствените системи.
На министерската тркалезна маса, копретседавана од турскиот министер за здравство Кемал Мемишоглу и претседателот на COP31 Мурат Курум, со учество на генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, Клековски ги истакна трите клучни приоритети: интегрирање на здравјето во климатските политики, инвестиции во здравствени системи отпорни на климатските промени и подобар пристап до финансирање и меѓународна соработка.
– Климатските промени повеќе не се само еколошки предизвик, туку растечка закана за јавното здравје. Оваа година во Македонија тоа го почувствувавме директно: западнонилската треска предизвика повеќе случаи отколку во претходните петнаесет години заедно. Стратегиите сами по себе не ги штитат луѓето. Ги штити нивното спроведување – порача Клековски.
На панелот „Хуманитарна помош и здравје: интеграција во управувањето со кризи“, министерот ги претстави искуствата на Македонија во зајакнувањето на здравствената подготвеност, преку Националниот акциски план за здравствена безбедност 2024–2030 и Акцискиот план за заштита од топлотни бранови 2025–2030.
Клековски нагласи дека националните капацитети не се секогаш доволни за справување со кризи, поради што е неопходна навремена и координирана меѓународна помош, усогласена со потребите на државите.
Тој ја поздрави Анталиската иницијатива за здравствена отпорност.
Во текот на денот, Клековски ќе учествува и на панелот „Големи лекции од малите нации: здравствено лидерство во клима што се менува“, организиран од Светската здравствена организација, каде ќе го презентира македонското искуство во спроведувањето на мерките за заштита од топлотни бранови.

































