Уште еден случај на морбили, петти по ред, е регистриран во државата, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Станува збор за едноиполгодишно бебе. Досега болеста е потврдена кај три бебиња и еден маж на 45-годишна возраст, сите македонски државјани, како и кај еден државјанин на Косово.
Клековски рече дека постои прелиминарна поврзаност меѓу случајот кај странскиот државјанин и трите домашни случаи, но најави дека ќе се почека епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје пред тоа официјално да биде потврдено.
– Имаме прелиминарна поврзаност меѓу странскиот државјанин и тие три домашни случаи, меѓутоа би почекал епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје да биде готова и тоа службено да го соопштиме – изјави Клековски пред почетокот на националната консултација за новиот Закон за лекови, организирана од Министерството за здравство во соработка со СЗО.
Одговарајќи на прашање дали ќе повика на масовна вакцинација, проверка на вакциналните картони и дополнително повикување на невакцинираните деца, министерот рече дека постојано апелира на свеста и самосвеста на граѓаните. Тој оцени дека присилните мерки не се решение, бидејќи можат дополнително да го зголемат отпорот кон вакцинацијата.
Клековски ги повика граѓаните да проверат дали примиле две дози вакцина или ја прележале болеста. Посочи дека и самиот прележал морбили на 15-годишна возраст и дека болеста ја поминал многу тешко, поради што им препорачува на сите да се вакцинираат.
Апел до родителите да не ги носат децата во градинка и училиште при симптоми
Министерот потсети дека е издадена препорака лицата кај кои ќе се појават типични симптоми на морбили прво да се јават кај лекар, наместо директно да одат во здравствена установа. Причината е високата заразност на вирусот, кој може да остане заразен во воздухот и до два часа.
– Престојот на заразени лица во чекални и ходници на здравствени установи е значаен ризик за настанување епидемија. Молбата до родителите е, кога ќе ги забележат симптомите што ги објавивме, да не ги носат децата во градинки и училишта – рече Клековски.
Тој нагласи дека вакцинацијата е важна и за заштита на оние што сè уште не можат да ја примат вакцината, особено бебињата до 12-месечна возраст. Според него, постојано има околу 15.000 бебиња кои се во одреден ризик, како и повозрасни лица кои не се вакцинирани.
Клековски информираше дека се испитуваат примарните и секундарните случаи, како и нивните контакти, а се врши и инспекциски надзор во здравствените установи каде што можело да има контакт со заразени лица.
– Нема присила, затоа што тоа водеше кон изигрување на системот. Апелирам на свеста и самосвеста на сите дека, ако не ја прележале болеста, две дози вакцинација ќе ги заштитат бебињата кои не можат да бидат вакцинирани и немаат можност да одлучат дали сакаат или не – рече министерот.
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) и шеф на Регионалната канцеларија на организацијата во Северна Македонија, д-р Аким Али, истакна дека улогата на родителите е клучна, а посебна заштита од морбили треба да добијат и бремените жени, бидејќи инфекцијата може да доведе до вродени малформации.
Али посочи дека целта е опфатот со вакцинација да достигне 95 проценти, што е потребното ниво за заштита на населението. Според него, стапката на вакцинација во земјата сè уште е под тоа ниво, но Министерството за здравство соработува со заедниците и центрите за јавно здравје за нејзино зголемување.
































