Полскиот нуркач Бартоломиеј Питала, кој ја предводеше меѓународната експедиција во подводната пештера Врело во кањонот Матка, е предложен за почесен граѓанин на Град Скопје. Предлогот го поднел градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како признание за неговиот придонес во истражувањето и меѓународната промоција на природното богатство на градот.
Питала, заедно со меѓународен тим спелеонуркачи и со поддршка на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, на 17 октомври достигна длабочина од 338 метри, со што пештерата Врело стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот.
Експедицијата „Врело 2026“ се одржа од 10 до 17 октомври, а во неа учествуваа 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија. Со новото достигнување, досегашниот рекорд од 287 метри беше надминат за 51 метар.
Според податоците за експедицијата, со подвигот се поставени три светски рекорди, а Врело го зазеде првото место на светската листа, пред пештерите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.
Рекордите се постигнати во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.
Во образложението на предлогот за почесно граѓанство се наведува дека подвигот на Питала има историско значење за истражувањето на подводниот свет на Врело, но и за меѓународната афирмација на Скопје и неговото природно наследство.
Од Град Скопје посочуваат дека достигнувањето отвора нови можности за истражување на хидролошките и другите карактеристики на пештерата, а истовремено придонесува и за нејзина поголема туристичка промоција.
Предлогот Бартоломиеј Питала да биде прогласен за почесен граѓанин на Скопје треба да биде ставен на гласање пред советниците на седницата на Советот на Град Скопје, закажана за четврток.
































