Нови изданија за деца
Нашата долгогодишна соработничка, академската сликарка м-р Славица Танеска, неодамна ја објави својата книга „Марсо Марсоски“. Станува збор за стрип што е комплетно авторско дело на уметницата. Всушност, стрипот „Марсо Марсоски“ ексклузивно е креиран за страниците на „Колибри“ и беше објавуван во две продолженија, првото од февруари 2022 до април 2023 и второто од април 2026 до денеска. Овој стрип, со текст и слика на Славица Танеска, доживеа популарност и голем интерес од страна на читателите, со оглед на тоа што долго се објавува на нашите страници и секогаш нуди симпатични и досетливи случки, некогаш засмејува, а некогаш подучува.
Името и презимето на главниот стрип-јунак, Марсо Марсоски, се инспирирани од неговото потекло. Имено, тој е жител на Марс, дојден во посета на планетата Земја.
– Како таков тој е поразличен од другите деца, како физички така и со своите идеи и замисли за животот. Но преку неговите постапки, размислувања и начин на живот тој ги учи децата дека суштински не е поразличен од нив. И тој ги има истите проблеми како обичните деца, а најважно од сѐ за него е да биде прифатен, да биде разбран и да има многу пријатели. Исто така тој промовира добри навики, вози еколошка вселенска чинија што не ја загадува околината, се храни здраво и си ги завршува своите училишни обврски – објаснува авторката.
Марсо често ги советува своите пријатели што е добро и дека резултатите може да се постигнат само со работа. Главна карактеристика на ликот на Марсо се љубопитноста и желбата да учи нови работи иако доаѓа од друга планета. Разликите на Марсо од другите деца овде се прикажани како уникатност и богатство, а најголемо богатство се другарувањето, прифаќањето и љубовта меѓу сите деца.
Другите ликови во стрипот се баба му на Марсо, која се грижи за него, кучето, кое му е миленик и најдобар пријател, Марсела, која е негова другарка и симпатија, и мачето, кое е милениче на Марсела. Освен овие необични ликови, кои се главни во стрип-приказната, има и многу други споредни детски ликови што исто така се значајни за дејствијата во стриповите.
„Марсо Марсоски“ е еден од ретките македонски стрипови наменети и целосно креирани за деца со поучни елементи во него. Од ликовен аспект е уникатен со тоа што е целосно рачно изработен, во техниката акварел, што е невообичаен начин за работа на стрип. Марсо дојде од Марс, долго остана на планетата Земја, со години беше жител на светот на „Колибри“, а денеска со 30. издание од циклусот „Марсо се враќа“ се збогуваме од него, бидејќи сега од нашите страници се пресели во книга! Среќно Марсо и дојди ни пак!
Печатењето на стрип-книгата „Марсо Марсоски“ финансиски е помогнато од Општина Охрид, а истата таа веќе може да се најде во продажба. Уметницата бесплатно би им го отстапила својот авторски труд во иднина на институции и општествено одговорни компании што би сакале да печатат нови изданија на стрипот, под услов да им ги подаруваат на децата.
Ф.Д.

































