Сезоната во македонскиот, машки, клупски ракомет влегува во „трета“ брзина. Вардар раскрсти со ЛШ, Пелистер следниот месец ќе се одјави од Европа, а Охрид и Алкалоид, се загреваат за она што следува во самата завршница на поранешниот Челинџ куп.
Многумина ме прашуваа деновиве, дали стартот на новиот мој проект со Виктор од Само Ракомет, наречен B&D and Handball Talks, кој стартуваше како минатата недела, ќе влијае на мојата прва љубов, наречена пишување колумни или коментари. Искрено, не знам, дали интензитетот (кој и не беше Бог знае колку висок!) ќе остане на исто ниво, но пишаниот збор е нешто што е моја насушна потреба и тешко ќе се разделиме така лесно. Не гарантирам, но ќе дадам се од себе.
Други пак, ме прашуваа „шо ви е планот?“ со поткастот, кој технички се реализира на едно прекрасно место во Аеродром, кафуле по мој вкус, локација каде можеш да добиеш супер кафе, добра музика и релаксирана атмосфера. Ќе се трудиме да бидеме корисни. За ракометот, за спортот воопшто, за децата кои надоаѓаат. Со Господ напред, ќе покаже времето.
А сега, што се случуваше и што не чека следните денови на најбогатата ракометна, клупска сцена на Балканот?
КАРАКТЕРОТ НА ВИДЕЛИНА И КОГА ПЕРЈАНИЦАТА „НЕ Е ДОБРО ПОЈАДУВАНА“
Во средата, во „Јане“ гостуваше Бундес претставник во ЛШ и самото тоа би требало да некаков магнет и шанса за подигање на атмосфера кај скопската публика, натпревар кој требаше да биде најава за (нај)големото македонско спортско дерби в недела. За жал, не беше така. Овој Вардар, во вакво натпреварување заслужува (пре)полна сала. Но, по којзнае кој пат, оваа наша публика покажа непочитување кон клубот кој ги достигнал највисоките, ракометни врвови на Европа, клуб кој повторно е во самиот врв и клуб кој игра солидна сезона во најквалитетното европско ракометно натпреварување. Иако, резултатите, не се како што некој сака да бидат, и математички Вардар „собра“ само три бодови, од играта на повеќето натпревари сите ние мора (не треба!) да бидеме задоволни. Ова е уште една критика за сите кои се „чукаат во гради“ и се „крстат“ во дресот со црвено-црна боја. Добро, не баш сите. Стара гарда Комити, како што кажав и минатиот пат, секогаш се тука, а одреден број на луѓе, стои позади клубот и во добро и во лошо.
Иако Мелтсунген, на чело со Парондо, дојде во Скопје без Кастелинг, Кристопанс и Мандиќ, сепак тоа е клуб од врвот на најдобрата лига на светот. Јоханес Гола, Небојша Симиќ, „малиот Шпанец“ и Менсинг се голем капитал, иако според досега прикажаното, овој клуб кој не ми дава впечаток дека ќе се бори за ЛШ следната сезона, а и оваа тешко ќе ја помине следната рунда. Ама ќе (по)каже времето.
Што видовме во „Јане“?
Натпревар кој беше „да се биде или не“ во ЛШ за гостите и убава проверка и достојно оддолжување кон оние 6-700 сезонци, за домашниот тим.
Повторно. Натпревар кој понуди многу, во однос голема борба, убав ритам, желба за победа и неизвесност до последната секунда.
Стартот ни донесе фактор на изненадување, во делот на зоната на Вардар, каде Љевар одигра како преден, на 5-1, со задача да се „спушта“ на позиција четири, во стандардната 6-0, која сме навикнати да ја гледаме од Чупиќ. Убав момент, имајќи предвид дека ретко до сега „шефот“ одигра алтернативна зона. Причината за ваквата поставеност на Вардар е недостаток на леворак играч кај тимот на Парондо, а со цел да се ограничи нападот и да се насочи концентрацијата на Баленцијага и Менсинг. Добро смислено и на моменти функционално. Проблем беше позицијата пет, каде изненадувањето во името на младиот Стефансон, користеше се што за него создадоа најдобрите играчи на Мелтсунген.
На другата страна, Вардар со четворица надворешни играчи и без пивот, иако правеше позиции за реализација, имаше проблем со Симиќ на голот. Резултат на тоа беше што гостите го диктираа резултатот и оставаа впечаток дека се подобрата екипа во поле. Со промената на зоната на домаќинот, внесувањето на Лазаревски на проблематичната позиција пет и неколкуте клучни одбрани на Валах, ситуацијата драстично се смени и од негатива од -3, македонскиот шампион до крајот на полувремето стигна до предност од +3.
Како што спомнаа и вардарци по натпреварот, ова е елитно натпреварување во кое не се простуваат грешки или „слаб ден“ на клучните играчи. Па така, кога играчи од фундаментално значење за екипата, како „Принцот од Јане“ и Сократес кои веројатно не беа „добро појадувани“, а Љевар го „плаќа“ данокот на неискуството во ЛШ со променлива форма, многу тешко е да се очекува поволен резултат, што и да претставува тоа.
Но, карактерот на тимот го видовме повеќе пати оваа сезона, а синоќа беше само „јаготка на шлагот“. Па така, ваков Вардар многу, многу скапо ја „продаде кожата“ и одигра супер егал-натпревар. Крајниот епилог, освен за рејтинг-поени, немаше друго значење за вардарци.
МИХАИЛ СЕ ВРАЌА ВО АВТОКОМАНДА, ДА ГО ОСПОРИ ШИРОКИОТ СПИСОК НА СЕЛЕКТОРОТ
Алкалоид и Охрид, очекувано, изгалопираа во следното коло на ЕХФ Европскиот куп. Следни на менито се Литвански Драгунас и Словенечко Горење. Ако за Охрид, ова ќе биде уште едно коло поминато дома, со две сигурни победи, Алкалоид има за нијанса посериозна задача. Она што е најинтересно, Михаил Иваноски, момчето кое од Охрид, преку Автокоманда и Ајдовичина стигна во Горење Велење, ќе има шанса, против својот некогашен клуб, да покаже колку напреднал и дали треба да добие шанса, барем на поширок список, во националниот тим.
Како и да е, back to back или македонско финале останува возможна мисија.
ТАКТИКАТА НА ЛИНО, КУЗМАНОВСКИ И ДВОЕЦОТ ГОЛМАНИ ПРОТИВ ФАВОРИТОТ ВАРДАР
А сега за тоа што следува, во недела, во „Јане“. Најголемиот спортски непријател клубот со црвено-црна боја доаѓа во Скопје, на прво „мерење“ на силите. Без дилема, тоа ќе ја дополни салата со оние кои ќе бидат „против“ битолчани, затоа што оние што се „за“ не се доволни за полна сала. Така функционираме на избори, така е во секој сегмент од нашето битисување. А, на терен, Вардар е фаворит, па како сакате гледајте на тоа. Од секој аспект. Се освен фина победа на домаќинот, ќе биде убав „бутс“ на самодовербата на четата на Червар. Но, дербие ова, па така Вардар беше фаворит и пред две години, на 7 јуни, кога се беше спремно за славје во Скопје, ама Фитиљ, Деки и Никуч не мислеа така. Не инсинуирам ништо, само фрлам историски факти на маса. Напоменувам, со ваков ритам, ростер, атмосфера и самодоверба, Вардар е фаворит.
Фаворит е пред се затоа што, овој Вардар со Љевар, Лазаревски и Јанковски има многу цврста одбрана, која можеме да очекуваме да се трансформира во некоја 5-1, па дури да се обиде целосно да го ограничи Кузмановски, како играч од кој зависат многу работи во нападот на Пелистер. Фаворит е и заради широката ротација на бекови (прашање е дали Мохаб Абделхак ќе биде во тимот!), но и поради супер квалитетите на Малус, снаодливоста на нашиот Фадиљ, но и торпедата на Љевар и Митровиќ. Па уште Жоао Педро да Силва алијас Сократес, Воркапиќ и двоецот супер габаритни пивоти….???
Што може Пелистер во „Јане“?
Реално, многу мал простор за маневар. Со Линовата 7-6 да ја спушти зоната на домаќинот, да ја забави играта и да ја однесе „водата на своја воденица“. Да не се наттрчува и да чека директна контра, за „лесен“ гол повеќе во мрежата на домаќинот. Да одигра за зихерашки на пивоти, да очекува од надвор проектил или два од Хенингман и максимално користење на минутажата од страна на Павле и Мирче. Е сега, колку можат голманите на Пелистер да го одржуваат гостинот во игра до самиот крај, и самото тоа да ја подигне нервозата кај момците на Чупиќ, е големо прашање. Како што е големо прашање, со што може да изненади Маго во делот на одбраната, во која, неочкувано за негова филозофија на делување, „дува промаја“? Доволна ли ќе биде симултанка на Кузмановски или ќе мора и Серафимов да проигра на десната бековска позиција?
Многу дилеми и прашања како равенка со многу непознати.
Ама дерби е тоа. Математиката, имињата, па и тактиката многу често „паѓаат во вода„.
Тоа е убавината.
Се гледаме во недела, во „Јане“!



































