Фото: МЕРМС

Подготовките за климатската конференција COP31 се можност за утврдување јасна национална позиција за енергетската и климатската иднина на земјата, заснована врз реалните можности, научните сознанија и потребите на граѓаните. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќањето на Националниот дијалог на патот кон COP31, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), во пресрет на климатската конференција во Анталија.

На настанот се обратија и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерот за животна средина Муамед Хоџа, како и други претставници на институциите и меѓународната заедница.

– Енергетската транзиција е суштински дел од нашата одговорност. Нашата обврска е да создаваме услови за почиста енергија, а истовремено да обезбедуваме сигурен и функционален енергетски систем. Секоја промена мора внимателно да ги земе предвид потребите на стопанството и можностите на домаќинствата – порача Божиновска.

Таа посочи дека приоритетите на Министерството се развој на обновливите извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност и модернизација на енергетскиот систем. Според неа, зголемувањето на производството на електрична енергија од сончеви и ветерни електроцентрали мора да биде проследено со инвестиции во електроенергетската мрежа, капацитети за складирање енергија и подобро управување со производството и потрошувачката.

Осврнувајќи се на приоритетите на претседателството со COP31, Божиновска ја посочи и иницијативата „35 до 2035“, со која се поставува цел електричната енергија да достигне 35 проценти од вкупната финална потрошувачка на енергија до 2035 година.

Како што нагласи, ова отвора можности за поширока електрификација на транспортот, греењето и индустријата, преку примена на ефикасни технологии и зголемување на домашното производство од обновливи извори.

Посебен акцент во обраќањето беше ставен на праведната енергетска транзиција. Божиновска истакна дека промените мора да бидат проследени со конкретни можности за работниците и локалните заедници, особено во регионите чија економија традиционално се потпира на јагленот.

Во таа насока, Министерството преку Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција работи на поврзување на националните проекти со меѓународна финансиска и техничка поддршка. Целта е да се отворат можности за нови инвестиции, преквалификација на работниците и економска диверзификација на засегнатите региони.

Божиновска нагласи дека климатските цели можат да дадат конкретни резултати само доколку зад нив стојат подготвени проекти, одржливо финансирање и институции способни да ги спроведат преземените обврски. Притоа, посочи дека меѓународната поддршка е особено важна за реализација на енергетските и климатските приоритети на земјата.

Националниот дијалог организиран од UNDP претставува платформа за размена на ставови и усогласување на приоритетите меѓу институциите и другите релевантни чинители. Целта е земјата на COP31 во Анталија да настапи со јасна национална позиција и конкретни приоритети за енергетската транзиција и справувањето со климатските промени.