Фото: Фејсбук / Бенџамин Нетанјаху

Блокот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху освои 53 од вкупно 120 места во Кнесетот, осум помалку од потребните за парламентарно мнозинство, покажуваат резултатите по пребројувањето на сите гласови.

Партијата „Ликуд“ на Нетанјаху е најголемата поединечна партија со 27 пратенички места, додека опозицискиот блок предводен од центристот Гади Ајзенкот освои 48 мандати.

Двете арапски партии, Заедничката листа со 11 и Раам со осум пратеници, заедно освоија 19 места. Нивниот резултат може да има значајно влијание врз преговорите за формирање нова влада.

Според податоците на израелската Централна изборна комисија, партијата „Јашар“ на Ајзенкот освои 21 пратеничко место, „Бејахад“ 12, Демократите и Раам по осум, а Израел Бејтену, Обединета Тора Јудаизам и крајнодесничарската Еврејска моќ по седум места. Шас и Религиозниот ционизам освоија по шест мандати.

Излезноста на изборите изнесувала 77,9 отсто, а гласале повеќе од 5,7 милиони избирачи. Резултатите сè уште подлежат на проверки и на можни помали корекции пред официјално да бидат доставени до претседателот Исак Херцог на 4 ноември, соопшти Централната изборна комисија.

Во меѓувреме, Нетанјаху и неговата партија изнесоа обвинувања за изборни измами и за наводно катарско финансирање за купување гласови во арапските средини. Арапските партии и Катар ги отфрлија обвинувањата, додека Ајзенкот го обвини премиерот дека се обидува да ги делегитимира изборните резултати.

Израелската служба за внатрешна безбедност „Шин Бет“ соопшти дека ги истражува наводите за неправилности, но нагласи дека истрагата не треба да фрли сомнеж врз цела заедница што го остварила своето право на глас на демократски и законски начин.

Централната изборна комисија, пак, оцени дека дел од информациите што се шират во јавноста се целосно неосновани. Израелскиот претседател Херцог повика сите сомнежи темелно да се истражат, но предупреди дека не смее да се оцрнува цела заедница.

Откако ќе ги прими официјалните резултати, Херцог ќе почне консултации со претставниците на парламентарните партии. Потоа ќе му го довери мандатот за составување влада на политичарот за кого ќе процени дека има најголеми шанси да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник.

Распределбата на мандатите навестува тешки коалициски преговори, кои би можеле да траат со недели. Доколку ниту еден кандидат не успее да формира парламентарно мнозинство, Израел би можел повторно да оди на избори. Новиот состав на Кнесетот треба да ја одржи конститутивната седница на 10 ноември.