Европската интеграција, реформските процеси и унапредувањето на билатералната соработка беа главни теми на денешната средба во Скопје меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и црногорскиот вицепремиер задолжен за европски и надворешни работи, Филип Ивановиќ.
Средбата се одржа во годината кога се одбележуваат 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Соговорниците го потврдиле високото ниво на пријателски односи, меѓусебната доверба и сојузништвото во НАТО, како и заедничката заложба за стабилен и европски интегриран Западен Балкан.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на средбата било нагласено дека процесот на пристапување кон Европската Унија треба да се темели врз заслугите на секоја земја и спроведените реформи.
Во разговорите станало збор и за финализирањето на договорот за воведување нова авионска линија меѓу Македонија и Црна Гора, предвидено за утре.
Соговорниците разговарале и за можностите за натамошно унапредување на соработката во економијата, инфраструктурното поврзување, енергетиката и туризмот.
































