Вчера, во 84-та година од животот, почина Милан Панчевски, долгогодишен општествено-политички работник во Социјалистичка Република Македонија и поранешната југословенска федерација. Во својот работен век извршуваше повеќе одговорни високи државни функции, како на републичко, така и на тогашно сојузно ниво. Тој беше последниот претседател на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на СФР Југославија.
Ќе биде запаметен како бескомпромисен рационален комунист, цврсто врзан за своите корени, со силно изразена национална ориентација, но и жесток противник на политиките на сецесионизмот од кој било вид.
По осамостојувањето на Република Македонија, се пензионира и се повлече од активното занимавање со политика, а беше почесен претседател на политичката партија Сојузот на комунистите во самостојна Македонија.
Погребот на Панчевски ќе се одржи утре, на Градските гробишта во Бутел во Скопје. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел, од 11.30 до 12.30 часот.