Фото: ЕПА

Белград синоќа беше исполнет со еуфорија, песни и развеани српски знамиња, откако првичните изборни проекции укажаа на пораз на коалицијата предводена од Александар Вучиќ на предвремените парламентарни избори. Центарот на прославата беше просторот пред Филозофскиот факултет, како и околните улици и плоштади во српската престолнина, пренесе МИА.

Само неколку моменти откако Вучиќ се појави пред камерите во седиштето на својата партија и соопшти дека неговата коалиција ги загубила изборите, насобраната тензија меѓу граѓаните се претвори во масовна прослава.

Граѓаните веднаш излегоа на улиците. Автомобилите застануваа, се развејуваа српски знамиња, а свирежите од автомобилските сирени се мешаа со песните на насобраните. Дел од присутните ги пееја песните што станаа симбол на изборната кампања на листата „Студентска листа – Студентите победуваат“, додека други упатуваа остри и навредливи пораки кон Вучиќ, кој повеќе од 14 години беше на власт.

Фото: ЕПА

Во разговор со новинарите на МИА, дел од граѓаните едвај успеваа да ги сокријат возбудата и радоста. Повеќето даваа кратки одговори, брзајќи да им се придружат на останатите во прославата.

„Готов е!“, „Конечно слобода“ и „Неизмерна среќа чувствувам сега. Нешто што не се опишува“ беа дел од пораките што ги споделија насобраните граѓани.

Според проекцијата на ИПСОС и Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД), изработена врз основа на 56 проценти од обработениот примерок, „Студентска листа – Студентите победуваат“ освојува 139 пратенички места во Народното собрание на Србија.

Со оглед на тоа што српскиот парламент има вкупно 250 пратенички места, за самостојно формирање влада се потребни најмалку 126 мандати. Според овие проекции, студентската листа би обезбедила парламентарно мнозинство.

Листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, според истите проекции, освојува 104 места. „Сојузот на војводинските Унгарци – Балинт Пастор“ добива три мандати, „Албанска коалиција – Коалициони Шќиптар“ два, додека листите на Расим Љајиќ и СДА Санџак добиваат по еден мандат.

Останатите изборни листи, според објавените резултати, не освојуваат пратенички места. Меѓу нив е и листата на Социјалистичката партија на Србија (СПС), предводена од Ивица Дачиќ, која не го поминала изборниот праг.

Иако станува збор за проекции врз основа на делумно обработен примерок, резултатите укажуваат на можен значаен политички пресврт во Србија и отвораат прашања за идниот состав на владата и политичката насока на земјата.