Фото: „Нова Македонија“

ФЕЉТОН „ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“

Како што расте интересот на публиката така расте и потребата од изворни драмски текстови. Војдан се зафаќа самиот да пишува соодветни пиеси на македонски јазик. Така настануваат неговите први едночинки „Дрвари“ и „Во меаната“, кои се изведени на 2/15 февруари 1895 година на голема литературно-музичка вечеринка во салонот на „Славјанска беседа“. Изведбата се совпаѓа со нов бран полициски притисок и повторно забранување на „Младата македонска дружина“ од страна на бугарската власт. Иако младинците остануваат без заштита и помош, Чернодрински не отстапува. Датумот на изведбата претставува вистинско огнено крштевање на македонската драмска сцена, настан што ги става на испит решителноста и идеализмот на кружокот. Атмосферата во Софија во тие години станува сè понапрегната. Градот се трансформира во жариште на доброволци подготвени да преминат преку границата.
Во врска со тој оружен ентузијазам, Чернодрински запишува: „Софија постепено се претвораше во мобилизационен логор на четничкото движење. Кај секого од мнозинството младичи растеше копнежот да се види со пушка в рака и да ја мине границата. Огнот се распалуваше и разнесуваше главно од весниците и од редовно даваните вечеринки на кружокот ’Млада македонска дружина’. По завршувањето на секоја вечеринка започнуваше запишувањето комити…“
Кружокот „Македонски зговор“ опстојува сè до есента 1897 година, кога повеќето негови членови решаваат непосредно да ѝ се стават на располагање на организацијата внатре во Македонија. Војдан Чернодрински заминува како учител во битолското село Могила. Таму работи на терен цела една учебна година, комбинирајќи го просветниот позив со револуционерна дејност и запознавајќи ги одблиску суровата селска стварност и насилствата на локалните бегови.
Следната есен, во 1898 година, Чернодрински заминува во странство за да студира правни науки, најпрво во Грац (Австрија), а потоа во Берн (Швајцарија). И покрај универзитетските обврски, негова главна активност останува политичката пропаганда. Наместо да се посвети исклучиво на римското право и правните кодекси, тој времето го минува во организирање на македонската академска младина. Така учествува во формирањето неколку македонски студентски друштва во Швајцарија, чија цел е будење на европското јавно мислење и собирање материјална помош за МРО.
На основачкото собрание на Студентското македонско друштво одржано на 26 ноември 1899 година, Чернодрински одржува говор во кој го истакнува моралниот долг на младата интелигенција: „Колку наши браќа, колку наши врсници се приготвуваат за борба. Ние нивните врсници сме готови да им помогнеме материјално, морално и физички… Ние можеме да го крениме и својот глас во нивна полза, ние можеме, ако сме спремни, и да го дадеме животот за слободата“.

Престојот во Швајцарија му нуди и поширок културен хоризонт. Чернодрински редовно посетува современи театарски претстави во Берн и другите швајцарски градови, проучувајќи ги сценографијата, актерската игра и режијата. Таму продолжува и книжевно да твори. До летото 1900 година тој ја преработува својата пиеса „Дрвари“ во поновата и поразвиена варијанта „Мајстори“, а исто така ја завршува и драмата во пет чина „Македонска емиграција“. Ова второ дело отворено ја жигосува дволичната бугарска официјална политика кон емиграцијата и разоткрива како бугарските власти ја разбиваат „Младата македонска книжевна дружина“. Поради директната политичка критика, драмата не успева да стигне до сцена, но останува забележана како остар документ за политичките притисоци врз македонските активисти. По враќањето од Швајцарија во летото 1900 година, Чернодрински веќе е зрел творец со изграден општествен поглед и јасна уметничка цел. Тој забележува дека дотогашните форми на аматерски вечеринки не одговараат на нараснатите барања на публиката. Размислувајќи за периодот кога созрева идејата за неговото животно дело, во „Спомените“ Чернодрински подвлекува: „Даваните вечеринки од 1897-1900 година беа суви, без македонски патриотски објект и колори. (подвлекол А. А.). Но ние веќе бевме станале 19, 21, 22-годишни! Желбата да направиме нешто покултурно и уметничко беше зголемена…“
Свеста дека драмската уметност мора да се издигне на повисоко професионално ниво доведува до создавањето на трагедијата „Македонска крвава свадба“ во 1900 година. Драмата го обработува насилното грабнување на македонската девојка Цвета од страна на османлискиот насилник Селим-бег, со што директно ја пренесува реалната трагедија на македонското селанство на сцена. Во предговорот кон првото печатено издание на пиесата, Чернодрински јасно ја искажува својата уметничка и национална девиза, велејќи дека „перото го зима за да напише нешто кое ќе ѝ користи на нашата татковина“.

За потребите за поставување на драмата, Чернодрински ја формира театарската трупа под името „Скрб и утеха“. Името ја симболизира реалноста на народот: „скрб“ поради вековното ропство и непреболените загуби и „утеха“ преку вербата во оружениот отпор и скорашната слобода. Претставата наидува на огромен прием кај македонската емиграција во Бугарија, а нејзиниот успех го привлекува вниманието и на властите и на широката јавност.
Дејноста на Војдан Чернодрински означува премин од почетнички аматеризам кон втемелување на македонската драматургија и театар. Смелоста да твори на својот мајчин македонски јазик во средина каде што дејствуваат странски пропаганди и политички пречки го прави Чернодрински фигура со историска улога во македонската културна преродба. Неговиот театар прераснува во национална институција во егзил. Преку автентичниот јазичен израз и живиот приказ на народниот бит, неговите драмски текстови служат како поттик за слобода и градење на идентитетот во пресрет на Илинденското востание од 1903 година. Без неговиот ран книжевен и сценски ангажман, повоениот развиток на современиот македонски театар тешко би ги имал своите цврсти темели. Неговиот животен пат останува сведоштво за творечка оддаденост во служба на слободата на сопствениот народ.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)