- Во пресрет на денешната церемонија за доделување на „Златната топка“, четворица од петте номинирани за трофејот за најдобар тренер во машка конкуренција се Шпанци, како и двајца од кандидатите за трофејот во женска конкуренција. Според податоците на УЕФА, лани 107 шпански тренери работеле во странство, што е зголемување во однос на 99-те од претходната сезона. Португалија беше на второто место минатата сезона, со 88 тренери
Растечкото влијание на Шпанија врз светскиот фудбал ќе биде целосно видливо денеска на свеченоста за доделување на „Златната топка“, годишната церемонија на која им се оддава признание на најуспешните поединци во овој спорт, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Четворица од петте номинирани за трофејот „Јохан Кројф“ за најдобар тренер во машка конкуренција се Шпанци, како и двајца од кандидатите за трофејот во женска конкуренција. Овие листи со кандидати покажуваат како Шпанија, по години освојување титули во машка и во женска конкуренција, прерасна во главен извозник на тренерска експертиза. По децении поминати во сенка на своите италијански, англиски и германски колеги, шпанските тренери сега се исклучително барани, бидејќи и клубовите и репрезентациите сакаат да ја применат филозофијата што стои зад успесите на Шпанија на светската сцена, пишува АП. Прославени тренери, како Пеп Гвардиола и Луис Енрике, го пренесоа шпанскиот стил на игра, заснован на посед на топката, во врвните европски клубови, се разбира, со одредени приспособувања.
– Темелот на големата почит што ја уживаат шпанските тренери денес лежи во нивната обука и, пред сѐ, во нивната способност да се приспособат на различни услови во европскиот и во светскиот фудбал – изјави за АП Иван Кансела, раководител на тренерската академија при Шпанската фудбалска федерација (ШФФ).
И Гвардиола и Енрике се поранешни студенти на оваа академија. Вториот лани ја освои наградата „Кројф“, именувана по холандската легенда, а и годинава е еден од кандидатите, откако со Пари сен Жермен ја освои титулата во Лигата на шампионите втора година по ред. Луис де ла Фуенте е уште еден сериозен кандидат, особено по освојувањето на трофејот на Светското првенство со Шпанија годинава. Пред да застане на чело на сениорската репрезентација, тој ги водеше шпанските селекции до 19 и до 21 година, а држеше и обуки за идни тренери, организирани од ШФФ.
– Ние сме пионери во обуката на тренери веќе долго време. Ние сме пример што треба да се следи кога станува збор за подготовка на тренери, токму тоа е причината поради која нашите тренери се издвојуваат од другите – изјави Де ла Фуенте минатиот месец, пренесе АП.
Бенитез го отвори патот
Беше релативно невообичаено за шпански тренери да работат во странство, сѐ додека Рафаел Бенитез не направи трансфер од Валенсија во Ливерпул во 2004 година. Шпанците сега ја сочинуваат најмногубројната национална група меѓу тренерите во англиската Премиер-лига, при што пет тима се предводени од шпански стручњаци. Двајца од нив се кандидати за машката награда „Кројф“, Микел Артета, кој го предводи бранителот на титулата Арсенал, и Унаи Емери, кој лани со Астон вила ја освои Лига Европа. Според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА), минатата сезона 107 шпански тренери работеле во странство, во првите и во вторите лиги, што е зголемување во однос на 99-те тренери од претходната сезона. Португалија беше на второто место минатата сезона со 88 тренери. Шпанците ги ангажираат и репрезентации на други земји. Повеќе од десетина репрезентации моментално имаат шпански селектори, пишува АП.
Холандската врска
На некој начин трансферот на Чави Ернандез во Холандија е заокружување на една приказна, бидејќи шпанскиот стил на игра води потекло од Кројф, кој играше за Барселона во 1970-тите, а во 1988 година стана тренер. Кројф во Шпанија воведе нова филозофија на игра, заснована на задржување на поседот на топката и нејзино движење со кратки додавања меѓу играчи што постојано ја менуваат својата позиција на теренот. Тој стил на игра влијаеше врз начинот на кој шпанските тренери ги забележуваа и развиваа талентите.
– Шпанскиот играч не е најбрз, ниту најсилен, ниту, пак, највисок. Но, според мене, и ова го кажувам без намера да звучам како да се фалам, верувам дека шпанскиот играч најдобро ја разбира играта и е најталентиран – вели Кансела, пренесе АП.
„Тики-така“ и нејзините надградби
Луис Арагонес, селекторот на Шпанија од 2004 до 2008 година, го претвори пристапот заснован на посед на топката во национален заштитен знак, градејќи го тимот околу маестралните играчи од средниот ред Чави и Андрес Иниеста. Стилот „тики-така“ ја издигна Шпанија до нови височини, носејќи ѝ две титули европски првак по ред, во 2008 и во 2012 година, и првиот трофеј на светско првенство (СП), во 2010 година. Сепак, со текот на времето овој систем наиде на пречка, Чави и Иниеста се повлекоа, а Шпанија повеќе не успеваше да го претвори поседот на топката во голови. Де ла Фуенте, кој стана селектор по елиминацијата на Шпанија во четврт-финалето на СП 2022, го модернизира системот преку побрзи транзиции во напад, користејќи крилни играчи вешти во дуели „еден на еден“, како што се Ламин Јамал и Нико Вилијамс, за да ги напаѓаат противничките одбрани преку крилните позиции, пишува АП. Шпанија сега повторно е на врвот, со титулата од Европското првенство во 2024 година, проследена со трофејот од СП 2026. Во меѓувреме, Шпанија се искачи на првото место во светот во женскиот фудбал, со репрезентација изградена околу јадро од фудбалерки на Барселона, како Аитана Бонмати и Алексија Путелјас (сега настапува за Лондон). Тренерот на Барселона, Пере Ромеу, е меѓу номинираните за тренерската награда во фудбал за жени, заедно со неговиот сонародник и поранешен тренер на Барселона, Џонатан Хиралдез, сега во Лион.
Баскија се издвојува
Една од специфичностите на оваа генерација елитни шпански тренери е тоа што голем број од нив потекнуваат од северна Шпанија, поточно од Баскија, пишува АП. Де ла Фуенте има семејни корени во Баскија, регионот од кој потекнуваат и Емери, како и други тренери, меѓу кои Хулен Лопетеги (кој ги водеше Реал Мадрид и шпанската репрезентација) и Хозе Мендилибар. Артета, тренерот на Челси, Чаби Алонсо и кормиларот на Ливерпул, Андони Ираола, играа заедно како момчиња во Антигуоко, аматерски клуб во баскискиот град Сан Себастијан. Потпретседателот на Антигуоко, Роберто Монтиел, одлично се сеќава на оваа тројка млади момчиња. Иако го забележал нивниот талент, тешко можел да претпостави дека сите тие ќе достигнат такви височини како тренери.
– Се работи за спој на повеќе фактори. Имавме среќа што овие тројца извонредни луѓе и играчи се најдоа во нашиот клуб во исто време. Тука е и ДНК на Антигуоко и на баскиското општество, што значи дека сите сме исклучително натпреварувачки настроени и ја споделуваме страста кон фудбалот – изјави Монтиел за АП. Н.М.
































