Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Владата во текот на следните неколку часа или денови ќе даде одговор за загриженоста на граѓаните во врска со тековните протести, притоа предупредувајќи дека тие кои промовираат или вршат насилство ќе се соочат со кривични и финансиски последици.
Обраќајќи им се на новинарите заедно со министерот за внатрешни работи Ервин Демо, Рама рече дека поплаките, поради кои дел од општеството ги поддржува протестите, остануваат приоритет за владата. Тој изрази подготвеност за дијалог со демонстрантите, со цел да ги слушне нивните предлози за решавање на проблемите, објави албанската новинска агенција АТА.
– Барањата, причините и, пред сè, потребите на оној дел од општеството кој бара посилен владин одговор на зголемените трошоци за живот, како и загриженоста околу унапредувањето на кадрите врз основа на заслуги, остануваат во апсолутен фокус на мене и на владата – рече Рама.
Тој додаде дека дијалогот со демонстрантите, кои се подготвени јасно да ја изнесат нивната загриженост и да предложат решенија, е добредојден. Владата наскоро ќе го претстави својот сеопфатен одговор кон, како што тој ги нарече, значаен дел од општеството кој сака властите да посветат поголемо внимание на нивните потреби. Рама предупреди дека оние што го величаат, поттикнуваат или спроведуваат насилството, ќе се соочат со решителен одговор од државата.
– Тие кои го величаат насилството, го поттикнуваат или учествуваат во него, мора да разберат дека исто како што урбаниот терор врз населението, бизнисите и обичните семејства во Албанија беше интензивен и долготраен, така и одговорот на државата ќе биде решителен и истраен – додаде Рама.
































