Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), советодавно тело на Европската Унија составено од 329 претставници на работодавачите, синдикатите и граѓанското општество, повика на засилена заштита и обновување на водните ресурси.
Од Комитетот посочуваат дека ваквите мерки се неопходни поради сè понепредвидливите промени во хидролошкиот циклус, предизвикани од забрзаните климатски промени, неодржливото користење на водата и пренамената на земјиштето. Потпретседателка на ЕЕСК е хрватската синдикалистка Марија Ханжевачки.
Во мислењето објавено во Брисел, Комитетот предупредува дека нарушувањата на хидролошкиот циклус ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со храна и вода, економската стабилност и меѓународната безбедност. Недостигот на вода, според документот, сè повеќе придонесува и за миграции и конфликти, објави Хина.
-Сушите, поплавите и оштетените екосистеми го загрозуваат снабдувањето со храна, пристапот до безбедна вода за пиење, работните места и домовите – наведува Комитетот, нагласувајќи дека водата ги преминува националните граници преку реките, почвата и атмосферата. Поради тоа, ниту една земја не може самостојно да ја обезбеди својата водна иднина.
ЕЕСК ги повика Европската комисија и земјите-членки на ЕУ да ја зајакнат прекуграничната соработка и да воспостават заеднички пристап кон управувањето со водните ресурси.
Според документот, околу четири милијарди луѓе се соочуваат со сериозен недостиг на вода најмалку еден месец во годината. Последиците се особено изразени во Африка, Јужна Азија и Јужна Америка, каде што продолжените суши и губењето на средствата за живот дополнително ја зголемуваат ранливоста на локалните заедници.
Комитетот предупредува и на загрозувањето на таканаречената „зелена вода“ – дождовницата што се складира во почвата и преку испарување се враќа во атмосферата. Таа сочинува околу 60 проценти од слатката вода на копното, а приближно 80 проценти од светското земјоделско земјиште зависи од неа. Нарушувањата во нејзиниот природен циклус веќе придонесуваат за намалување на земјоделските приноси и ја загрозуваат безбедноста на храната.
ЕЕСК повикува Европската Унија да поддржи започнување глобална иницијатива за обновување на хидролошкиот циклус на Конференцијата на Обединетите нации за вода, која ќе се одржи од 8 до 10 декември во Обединетите Арапски Емирати. Комитетот, исто така, предлага водата да добие позначајно место во климатската, земјоделската, енергетската и надворешната политика на ЕУ.
Меѓу препораките е и финансирање на обновувањето на водоводните системи преку идниот буџет на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година.
































