Фото: Принтскрин / илустрација

Физичка пресметка меѓу пратеници од опозицијата и власта ја одбележа денешната седница на албанскиот парламент, која се одржа во услови на засилени политички тензии поради протестите во земјата.

Пратеникот на опозициската Демократска партија, Фљамур Нока, му го одзел микрофонот на шефот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Таулјант Баља, и фрлал хартии кон него. По инцидентот, претседателот на парламентот, Нико Пелеси, ја прекинал седницата на пет минути, пренесуваат албанските медиуми.

Инцидентот се случил на десеттиот ден од протестите во Албанија, на кои демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама.

Седницата започнала во напната атмосфера, откако пратениците од Демократската партија ја блокирале говорницата со фотографии од демонстранти повредени за време на протестите. Кога Баља добил збор да го презентира ставот на владејачкото мнозинство, Нока му се приближил, го истргнал микрофонот од масата и почнал да фрла хартии кон него.

Поради инцидентот, Пелеси наредил петминутна пауза, јавува „Коха“, повикувајќи се на телевизијата А2.

Пратениците од Демократската партија претходно порачаа дека парламентот не може нормално да работи сè додека траат протестите и обвинувањата за полициско насилство.

– Денеска има само една точка на дневен ред. Го осудуваме полициското насилство. Мора да бидеме со демонстрантите, да ги слушнеме нивните барања и гласот на генерацијата што не се плаши од владата. Не може да има парламентарна дискусија во услови на социјална криза – се наведува во заедничкиот став на пратеничката група на Демократската партија, кој го прочита Бељинд Кељиќи.

Партијата соопшти дека ги поддржува барањата на студентите кои протестираат на улиците.

На дневниот ред на седницата била и интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, Ервин Дема, побарана од опозицијата поради полициските постапки за време на протестот пред парламентот.

Опозицијата претходно побара Дема да одговори пред пратениците, но интерпелацијата била одложена со образложение дека тој неодамна ја презел функцијата и дека му е потребно време да се запознае со отворените прашања.

Во меѓувреме, премиерот Еди Рама утрово повторно ги повика демонстрантите на дијалог. Овојпат, наместо столчињата што ги постави претходно, подготвил бетонски клупи, придружени со писмена покана за разговор.

Демонстрантите и претходно ги отфрлија неговите повици за дијалог, а во изминатите денови ги искршија столчињата поставени за таа намена.

Рама вчера предупреди дека ќе бидат преземени остри мерки против учесниците во насилните протести. Меѓу најавените можности се ограничување на пристапот до одредени услуги и забрана за влез во земјите од Европската Унија.

Протестите во Албанија траат веќе десет дена, а ги следат судири меѓу демонстрантите и полицијата. Опозицијата ги поддржува барањата за оставка на премиерот, додека политичката криза продолжува да ја нарушува работата на парламентот.